НАСЛЕДНИКОТ НА АБАЗИ ТРЕБА ДА ГО ОБНОВИ СЛУЧАЈОТ СО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА За смртта на 14 луѓе не може никој да не е виновен!
Се надевам дека следниот којшто ќе си го изберат меѓу себе обвинителите, главен обвинител за организиран криминал и корупција, ќе го отвори овој случај уште еднаш – рече пратеникот Пренџов.
Љупчо Пренџов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во своето гостување во ,,Вести плус” на телевизија Канал 5, се осврна на случајот со модуларната болница во Тетово, кој во моментов е актуелен, откако Ислам Абази го затвори предметот. Според Пренџов, неприфатливо е случајот да биде затворен без одговорност, затоа што, како што вели тој, станува збор за објект набавен и платен од државата во периодот кога министер за здравство беше Венко Филипче.
– Ако вие имате случај во којшто изгорел еден објект, којшто бил набавен и платен од државата. Ако во тој објект изгореле 14 наши сограѓани, јас никогаш нема да се помирам со фактот дека тој случај може да биде затворен, уште помалку да се извиниме на некој којшто тогаш бил власт и директно одговорен за набавката на таа модуларна болница – вели Пренџов.
Тој нагласи дека не може да се очекува јавноста да се помири со тоа што нема утврдена одговорност. Пренџов посочи дека и самиот не може да се помири со тоа што случајот е затворен, токму во пресрет на заминувањето на Абази од функцијата и истакна дека очекува неговиот наследник повторно да го разгледа предметот.
– Мојот светоглед не дозволува да ако Ислам Абази како шеф на ОЈО ГОКК, којшто го затвора овој случај, му завршува мандатот за месец два, оваа есен, да се помириме дека тоа е нормално, дека тоа така треба да биде и дека тие 14 луѓе, загинале од ништо и за тоа никој не бил виновен. Нема да се помириме, се надевам дека следниот којшто ќе си го изберат меѓу себе обвинителите, главен обвинител за организиран криминал и корупција, ќе го отвори овој случај уште еднаш, и ќе ни каже дали навистина е тоа така. Ако вие сте држава, ако вие набавите некој објект, тој објект се запали и во него загинат луѓе, не може никој да не е виновен за ништо”, заклучи Пренџов.