НЕ ПОДДРЖУВАМ НАЦИОНАЛИЗАЦИЈА НА ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ Мицкоски вели дека неколку опции ќе се разгледат на јавна расправа
На прашање за доцнењето на уплатата од 45 до 60 дена од Фондот на ПИОМ кон пензиските друштва од вториот столб, премиерот рече дека пред три и пред седум години се доцнело и по 180 дена.
Сите реформи кои се правени во вториот пензиски столб во Европа имаа неколку сценарија, едно е национализација и тука ќе бидам личен и ќе кажам дека сум човек кој најмалку поддржува такво решение, порача премиерот Христијан Мицкоски во интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
– Има повеќе модели коишто практиката ги познава, но не е исклучено ни некое хибридно решение, рече Мицкоски вечерва во интервју за Телма телевизија, посочувајќи дека ќе има јавна расправа со вклученост на сите експерти, нагласувајќи дека целта е да се заштитат интересите на граѓаните.
Како што рече, сите реформи направени во вториот пензиски столб во Европа имаат неколку сценарија. Едно од нив е национализација, за кое рече дека лично најмалку го поддржува.
Тој посочи и други решенија, на пример, во одреден период задолжителната уплата се стопира, како што балтичките земји практикувале во корона-кризата, и средствата се префрлаат во државниот пензиски столб, потоа модел кога е намален процентот (на пример, од 6 на 5, 4, 3 отсто итн.) или модел на доброволна уплата – и во државниот и во приватниот столб.
На прашањето зошто во законските измени, поставени на ЕНЕР, се брише член 120 кој се однесува на одредбата за уплата на 6 проценти во вториот пензиски столб, Мицкоски одговори дека „практично има консолидирање на неколку закони во еден закон“ и оти јасен бил демантот на Министетството за социјална политика, демографија и млади.
– Апсолутно го има (членот), останува вториот пензиски столб и нема интервенција во овој закон – рече Мицкоски.
Во однос на доцнењето на уплатата од 45 до 60 дена од Фондот на ПИОМ кон пензиските друштва од вториот столб, премиерот во интервјуто за емисијата „Топ тема“ рече дека пред три и пред седум години се доцнело и по 180 дена.
– Сега доцнењето во одредени периоди е до 45 дена. Се доцнело и 180 дена, ние не можеме веднаш сè да решиме, нешто што постои како проблем 10-15 години веднаш да го донесеме на нула. Сме успеале од 180 на 45 дена да го донесеме, а најверојатно ќе намалиме и под еден месец, што е европски стандард – додаде Мицкоски.