ДОГОВОРЕНАТА ЦЕНА ЗА ОТКУП НА ПИПЕРКАТА „АЈВАРКА“ ТРЕБА ДА СЕ ПОЧИТУВА Серафимовски најави средба и со откупните компании за да утврди каде е проблемот

Земјоделците тврдат дека изминатите денови откупувачите не се придржувале до договорените откупни цени и вршеле откуп за 20 денари на пиперка од прва класа.

29

Она што беше договорено треба да се почитува. Маката на земјоделецот, трудот што го има вложено треба да се наплати и затоа сме овде денеска со нив изјави министерот за земјоделство Борч Серафимовски откако беше информиран од производителите на пиперката „ајварка“ дека компаниите откупувачи не ги почитуваат договорените цени за откуп.

Земјоделците денеска протестираа пред подрачната единица на Министерството во Струмица.






Министерот најави средба со откупувачите за да утврди каде се случил проблемот.

-На оваа средба добивме информација и уверување од страна на земјоделците дека договореното не се почитува од страна на откупувачите и тоа за нас е сериозона работа, зашто сметаме дека е нарушен договорот. Доколку е така, ние повторно ќе ги преиспитаме сите откупни центри и преработувачите дали откупот се врши по договорените цени или има некакви отстапувања и зошто се тие отстапувања. Ние сме медијатори во овој процес и ги следиме и едните и другите и сакаме да видиме дали има доследно почитување од двете страни – рече Серафимовски.

Земјоделците тврдат дека изминатите денови откупувачите не се придржувале до договорените откупни цени и вршеле откуп за 20 денари на пиперка од прва класа.

– Првин падна на 25 денари наместо да се откупува за 40 денари за килограм, а денеска пиперката се откупува за 20 денари. Тоа е срамно, така не било. Сите цени се зголемени – нафтата, семенските материјали, репроматеријателите, а ние работиме бадијала. Само два дена се откупуваше по договорената цена – изјави Илија Витанов, земјоделец од село Добрејци.

Земјоделците додаваат дека со намалените откупни цени не може да ги покријат производствените трошоци.

– Во споредба со лани, откупните цени се преполовени. Во гајба прва класа беше 55 денари, за фабриките беше 45 денари, а сега што правиме – рече земјоделецот Џоко Темелков.

Серафимовски обвини дека одделни поединци ги поттикнуваат земјоделците да протестираат и создаваат дополнителни проблеми.

– Ние сме тука за да бараме решенија, не сме за да го поттикнуваме проблемот. Затоа јас би сакал во овој процес да останеме земјоделците, откупувачите и преработувачите. Тие се доволно паметни – знаат да произведат, но ги молам и да знаат да ги препознаат сите ситуации што се случуваат околу нив. Затоа стоиме пред сериозен предизвик за до го решиме ова и не само за оваа година, туку решение што ќе го бараме по завршувањето на бербата, да побараме начин како тоа да го регулираме со законски и подзаконски акти, како преку здруженинијата, за да имаме контунитет на одржливост на цените и, нормално, критериумите и нивна класификација. Не е добро да се повторува овој проблем секоја година – рече Серафимовски.

Инаку, на 12 овој месец беше договорено пиперката „ајварка“ од прва класа да се откупува за 40 денари килограм, прва/втора индустриска 30 денари и остатокот за 15 денари килограм.

Поврзани содржини