СОПСТВЕНИКОТ МИЛКОВСКИ НА ГАЗДА ДЕКО ВО 2012 ГОДИНА МУ ИЗДАЛ БЕЗБЕДЕН ОБЈЕКТ За пренамената од погон во дискотека согласност треба да бара закуподавачот, а не закупецот
На денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани почна вкрстеното испрашување на вештакот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет, кој рече дека Јованов не го консултирал сопственикот Милковски дека изнајмениот погон ќе го претвори во дискотека, но и дека законски, барање за пренамена треба да поднесе сопственикот, а не закупецот.
На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани адвокатката на сопственикот на објектот, Гроздан Милковски, преку прашањата до вештакот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет во Скопје, ја градеше тезата дека објектот во 2012 година, кога му бил даден под закуп на Дејан Јованов, бил законски исправен и безбеден.
Вкрстеното испрашување на вештакот Марковски отвори нова дилема околу одговорноста за пренамената на објектот од производствен погон во дискотека.
Марковски потврди дека производствениот погон за лесна индустрија во тој период бил безбеден од аспект на носивоста и противпожарната заштита.
Адвокатката на закуподавецот Милковски потоа го праша дали може да се заклучи дека објектот во 2012 година бил во состојба која не претставувала опасност од пожар и дека тогашната состојба не е причина за трагедијата што се случи на 16 март 2025 година, кога загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Вештакот одговори потврдно.
Потоа бранителката праша дали сопственикот на објектот Милковски бил консултиран од закупецот Јованов во врска со реновирањето и промените што биле направени при пренамената на производствениот погон во дискотека, вклучително и употребата на материјали кои можеле да претставуваат опасност.
– Не бил прашан – одговори Марковски.
Овие прашања предизвикаа реакција кај адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов.
Во продолжение на вкрстеното испрашување, сепак, на прашање поврзано со законската процедура за пренамена на објектот, вештакот Марковски посочи дека согласно Законот за градење, барањето за пренамена на објект треба да го поднесе сопственикот, а не закупецот.
Тоа во конкретниот случај е Милковски.
Вештакот истакна и дека меѓусебните усни или писмени договори меѓу закуподавачот и закупецот не можат да ги заменат законските обврски предвидени со Законот за градење.
Вкрстеното испрашување на Марковски продолжува, а неговиот исказ е меѓу оние на кои Обвинителството и одбраната посветуваат особено внимание.