🎥 ДУШКО ЛОКИН СНИМИ НОВА ПЕСНА На 83 години сѐ уште ја има својата препознатлива фризура и открива дека користи шампон од Америка
Душкo Локин не престанува да пее ниту на 83 години, а во новата песна се шегува со својата препознатлива фризура и открива дека користи посебен шампон кој го нарачува од Америка, но не открива кој
Душкo Локин и на 83 години не се откажува од музиката. Хрватската пејачка легенда сними нова песна „Frizura“, во дует со Даруш Деспот, кој ги потпишува музиката и текстот. Песната е инспирирана од препознатливиот изглед на Локин, а видеоспотот е полн со хумор и ситуации во кои фризурата на пејачот е главната ѕвезда.
– Сите девојки ме бркаат поради мојата фризура – пее Локин во песната, во која на шеговит начин се раскажува како жените наводно го прашуваат кој шампон го користи и кај кој фризер оди. А кога новинарите го прашале дали во стиховите има нешто автобиографско, тој признал дека љубопитноста околу неговата коса навистина постои.
– Знаат да ме прашаат која е тајната на мојата фризура, односно квалитетот на мојата коса – рекол тој.
Но, Локин не планира да ја открие целата тајна. Вели дека користи посебен шампон кој го нарачува од Америка, но намерно не сака да каже за кој производ станува збор. Причината е необична – шампонот го произведува мала семејна работилница, чии сопственици, според него, не сакаат масовно производство ниту огромна заработка.
– Не сакам да кажам за каков шампон станува збор бидејќи сите би почнале масовно да го користат – вели пејачот.
Неговата карактеристична фризура одамна е дел од неговиот имиџ, а Локин со години ги слуша и шегите дека носи перика. Тој вели дека фризурата е „постојана“ и дека не планира да ја менува. Иако во новата песна се шегува на сопствена сметка, не сака да се занимава со злобните коментари на оние кои тврдат дека косата не е негова.
Она што е уште поинтересно е што човекот кој денес пее за фризурата има зад себе речиси шест децении на естрадата. Локин ја започнал кариерата во составот „Кондори“, со кој во 1969 година ја објавил првата сингл-плоча за „Југотон“, а четири години подоцна го издал и првиот албум. Во текот на кариерата продал повеќе од пет милиони носачи на звук, а и денес активно снима и настапува.