ВО МОДА СЕ ФУСТАНИТЕ ШТО ИЗГЛЕДААТ КАКО ПИЖАМИ За нежен и носталгичен крај на летото

Трендот е практичен токму за последните топли денови и почетокот на есента. Кога вечерите ќе станат посвежи, врз лесниот фустан може да се облече тенок џемпер, кошула или кратка јакна, а сандалите да се заменат со чизми.

108

Фустаните што наликуваат на ноќници станаа еден од најзабележливите модни трендови на крајот од ова лето. Таканаречените „nightie” фустани ја пренесоа естетиката на спалната соба на улиците – лесни материјали, тенки прерамки, чипка, сатен и романтични детали сега се носат како секојдневна облека. Трендот веќе е присутен и во актуелните колекции на модните брендови.

Во мода се две главни варијанти. Првата е минималистичкиот „slip” фустан, инспириран од класичното неглиже, со едноставна силуета, сатен и тенки прерамки. Тој силно потсетува на модата од 1990-тите и почетокот на 2000-тите, која сезонава повторно се враќа. Меѓу познатите личности што го прифатија овој стил е и Хејли Бибер, која неодамна носеше винтиџ модел на „Диор” од 2005 година.






Другата варијанта е уште понежна и поносталгична – бели или пастелни фустани што потсетуваат на старинските памучни спаваќици. Чипка, карнери, машнички, пуф-ракави и везови им даваат романтичен изглед, а токму овие модели добро се вклопуваат во популарната „cottagecore” естетика. Тоа е мода што намерно се навраќа кон едноставноста и романтиката на некое минато време.

Предноста на овие фустани е што со неколку детали можат целосно да го променат карактерот. Со балетанки или рамни сандали, мала чанта и очила за сонце стануваат дневна комбинација, а со потпетици и понагласен накит можат да се носат и навечер. Кожена или велурна јакна создава контраст со нежниот фустан и го прави изгледот помалку „пижамест”, а повеќе урбан.

Трендот е практичен токму за последните топли денови и почетокот на есента. Кога вечерите ќе станат посвежи, врз лесниот фустан може да се облече тенок џемпер, кошула или кратка јакна, а сандалите да се заменат со чизми. Така фустанот што изгледа како да е позајмен од спалната соба станува еден од оние ретки летни парчиња што без проблем продолжуваат да се носат и во првите есенски денови.

Поврзани содржини