2 МИЛИОНИ ПАСТРМКИ КОРАНИ ПУШТЕНИ КАЈ ПОГРАДЕЦ Порибување најавува и македонската страна

Албанската страна пориби кај Поградец за да го обнови рибниот фонд и да го заштити ендемскиот вид, а слична акција е најавена и од Македонија.

67

Два милиони пастрмка коран беа пуштени овој викенд во Охридското Езеро, кај Поградец, Албанија, како дел од иницијативите за збогатување на водната фауна и заштита на овој ендемски вид од особено значење за екосистемот и економијата на областа – објави Општина Поградец.

– Тоа е во рамките на Фестивалот на коранот, активност што сега стана традиција за градот Поградец и која ги комбинира промоцијата на биодиверзитетот, рибарската традиција и локалната гастрономија – стои во објавата.






Заменик-министерот за земјоделство и рурален развој Арјан Јауплари изјави дека оваа година се пуштени два милиони коран во водите на езерото истакнувајќи ја важноста од продолжување на оваа иницијатива во иднина.

– Иста ваква акција е најавена и од македонска страна, што значи продолжување со збогатување на водите на Охридското Езеро, со цел да се заштити и збогати биодиверзитетот на езерото што се наоѓа помеѓу нашите две земји – рече тој.

Општина Поградец сподели моменти од активностите организирани во рамките на Фестивалот на коранот, каде што претставници на рибарското здружение во Поградец изразија оптимизам за резултатите од оваа иницијатива нагласувајќи дека порибувањето имало позитивни ефекти врз зголемувањето на рибниот фонд.

Како дел од прославата, на шеталиштето покрај езерото беше промовирана и традиционалната гастрономија на Поградец. Рестораните и готвачите им презентираа разни јадења приготвени со локални производи на многуте посетители што го исполнија Поградец оваа летна сезона, а чорбата со коран продолжува да останува меѓу најбараните јадења од туристите во крајбрежниот град.

Фестивалот на коранот има цел да придонесе кон заштитата на природното богатство на Охридското Езеро, зачувувањето на коранот и развојот на гастрономскиот туризам во Поградец.

Поврзани содржини