НОВИ СОВРЕМЕНИ ЛАБОРАТОРИИ ВО СКОПСКИТЕ СРЕДНИ УЧИЛИШТА Учениците ќе учат со експерименти, сензори и со интерактивна технологија

Новите кабинети ќе овозможат практични експерименти, а паметниот пластеник ќе има сензори, автоматско наводнување, метеоролошка и агростаница.

1

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информира дека во тек е уредувањето на нови и современо опремени кабинети по математика и физика, како и лаборатории по хемија и биологија во средните училишта во Скопје.

„Влогот во младите е влог во иднината. Секој денар вложен во нивното образование е инвестиција во знаењето, напредокот и силата на нашето општество. Наша должност е да им обезбедиме услови во кои ќе можат слободно да истражуваат, да создаваат и да го развиваат својот целосен потенцијал. Во тек е уредувањето на нови и современо опремени кабинети по математика и физика, како и лаборатории по хемија и биологија во средните училишта на Град Скопје. Проектот опфаќа целосно нова наставна опрема, современи дидактички помагала, интерактивна технологија и нов училиштен мебел, клупи и столчиња приспособени на потребите на учениците и наставата на 21 век“, напиша скопскиот градоначалник.






Фото: Град Скопје

Со ова, како што посочува Ѓорѓиевски, создаваме услови наставата да излезе од рамките на теоријата и да стане практична, интерактивна и лесно разбирлива.

„Наместо законите на физиката и математичките концепти да се изучуваат само преку формули напишани на табла, учениците ќе можат да ги разберат и докажат преку реални модели, прецизни мерења и практични експерименти. Во лабораториите по хемија и биологија, хемиските реакции и процесите во живиот свет ќе се набљудуваат непосредно преку практична работа, истражување и експерименти, а не само преку текстови и илустрации во учебниците. Секој кабинет е осмислен како заокружена образовна целина што ги обединува современиот училиштен мебел, специјализираната опрема, интерактивната технологија и дигиталните образовни содржини. Интерактивните панели ќе овозможат сложените поими да се прикажуваат преку видеа, тридимензионални модели, симулации и опити, со што часовите ќе станат подинамични, поинтересни и многу поефикасни“, вели тој.

Како што нагласува Ѓорѓиевски, со ваквото опремување, училниците во Скопје прераснуваат во средина создадена по мерка на современото образование – простор во кој знаењето станува искуство, а учениците се активни учесници во наставниот процес.

„Дополнително, градиме и паметен пластеник – училишна лабораторија во која образованието, науката, технологијата и земјоделството ќе се спојат на едно место. Овој современ земјоделски објект ќе користи сензори, микроконтролери и паметна технологија за автоматско следење и регулирање на условите за раст и развој на растенијата. Температурата, влажноста на почвата, наводнувањето и прихранувањето ќе се следат и управуваат преку апликација за паметни уреди. Пластеникот ќе располага со автоматизиран систем за наводнување, систем за регулирање на влажноста на воздухот, автоматско ѓубрење, контролер за управување со наводнувањето, Вентури-инјектор и систем со распрскувачи. Во негови рамки ќе бидат поставени и метеоролошка станица и професионална агростаница, преку кои учениците ќе можат непосредно да собираат податоци, да ги анализираат временските и почвените услови и практично да го изучуваат современото земјоделство. Пластеникот ќе се користи во текот на целата година. Со планско менување на површините и културите, во него ќе се одгледуваат градинарски, овошни и цветни култури, од расад до целосно развиени растенија“, напиша градоначалникот.

Како што посочува Ѓорѓиевски, ова е нов пристап кон образованието што ја поттикнува љубопитноста, ја развива креативноста и ги подготвува младите за професиите и предизвиците на иднината.

„Кога вложуваме во знаењето на младите, не ја градиме само нивната иднина – ја градиме иднината на Скопје и на Македонија!“, порачува скопскиот градоначалник.

Поврзани содржини