„КАКО МОЖЕШ ДА ДРЕМЕШ ПОКРАЈ НЕКОЈ КОЈ УМИРА?“ Мајката на Хејден Панетиер го прозва Хикерсон и бара одговори

Мајката на Хејден Панетиер, Лесли Вогел, ја доведува во прашање верзијата на Брајан Хикерсон за последните часови на нејзината ќерка и бара дополнителна истрага. Вогел дава информации и за својата внука Каја и нејзиниот татко, украинскиот боксер Владимир Кличко

508

Мајката на Хејден Панетиер, Лесли Вогел, бара дополнителна истрага за смртта на својата 36-годишна ќерка и јавно ја доведе во прашање верзијата на Брајан Хикерсон за последните часови од нејзиниот живот. Во интервју за „Daily Mail“, Вогел рекла дека неговата приказна има „многу дупки“ и дека не ѝ е јасно како актерката можела да биде во критична состојба, а тој да не забележи.

Според она што Хикерсон наводно им го кажал на полицајците, Хејден околу 10:30 часот наутро се шминкала во апартманот во Јужна Каролина, а тој излегол да заврши нешто. Подоцна се вратил и легнал да дремне. Неговиот брат Зак дошол во апартманот, тропнал на вратата, а потоа двајцата ја пронашле Хејден без свест. Токму Зак повикал 911, додека Брајан ѝ дал Наркан, а двајцата заедно правеле CPR до доаѓањето на итната помош.






Но токму тој дел од приказната не ѝ е јасен на нејзината мајка.

– Не знам како можеш да дремеш покрај некој што умира и да не сфатиш дека нешто не е во ред. Како го правиш тоа? Кога дошле медицинските екипи, утврдиле срцев застој. Луѓето со срцев застој не лежат само мирно. Испуштаат звуци – рекла Вогел.

Мајката открила и дека самата разговарала со полицијата на местото на настанот и барала да се истражи што точно се случило. Таа тврди дека на прашањето дали ќе има дополнителна истрага, еден полицаец ја прашал: „А што мислите вие за Брајан Хикерсон?“ Вогел вели дека со години се обидувала да го отстрани Хикерсон од животот на својата ќерка и дека нивната врска била зависничка и многу потешка отколку што јавноста знае.

Хикерсон и Хејден имаа турбулентна врска, а тој во 2021 година беше осуден поради насилство врз актерката. По нејзината смрт, неговиот адвокат порача дека смртта е под истрага и дека треба да им се дозволи на надлежните да ја завршат работата. Хикерсон досега не е обвинет за некакво кривично дело поврзано со смртта на Хејден. Прелиминарните наоди не покажале траума или знаци на насилна смрт, а причината и начинот на смртта сè уште не се официјално утврдени.

Во целата трагична приказна посебно место има нејзината 11-годишна ќерка Каја, која Хејден ја доби со поранешниот вереник, украинскиот боксер Владимир Кличко. По разделбата на парот, Кличко ја доби целосната грижа за девојчето. Хејден во своите неодамна објавени мемоари детално ја опиша болката што ја чувствувала поради одлуката да му го препушти старателството, но истовремено го опиша Кличко како „неверојатен татко“.

Кличко по смртта на Хејден објави емотивна порака во која се прости од мајката на својата ќерка и порача дека сака Каја да ја памети не само по нејзините тешки периоди, туку и по нејзиниот талент, добрина и сè што постигнала. Тој исто така побара приватност за семејството во периодот на жалост.

Самата Хејден, само неколку месеци пред смртта, зборуваше за својата ќерка и за стравот дека Каја би можела да помисли дека нејзините проблеми биле нејзина вина. Во интервјуто за промоцијата на мемоарите рекла дека ќе продолжи да ја штити, особено додека е мала.

Иако смртта на Хејден за неа е огромна трагедија, Лесли Вогел вели дека не се грижи за тоа кој ќе се грижи за нејзината внука Каја, бидејќи девојчето е во добри раце.

– Знам дека Каја е добро. Таа е со својот татко, а тој е прекрасен татко – рекла Вогел, нагласувајќи дека најважно ѝ е внуката да биде безбедна и згрижена. Вогел сега вели дека ѝ е утешно што, доколку законски се покаже дека Каја е наследник на имотот на Хејден, најголемиот дел од него би можел да му припадне на девојчето. Имотот може да вклучува приходи од „Heroes“, „Nashville“ и други проекти, како и авторски права од нејзините мемоари.

Истрагата продолжува, а во неа е вклучена и американската Агенција за борба против дрога (DEA). На местото бил пронајден Наркан, што дополнително ги засили шпекулациите за можно предозирање, но тоа не е потврдено како причина за смртта. Се очекуваат дополнителните токсиколошки анализи и официјалниот заклучок на надлежните.

Поврзани содржини