СЕ ПОСТАВУВААТ ОСНОВИТЕ ЗА ИДНАТА АКАДЕМИЈА ЗА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА Треба да почне со работа во 2027 година

Следува дефинирање на организацискиот модел, клучните функции и оперативната поставеност на новата организациска единица во рамките на Министерството за јавна администрација – рече министерот Минчев.

56

Министерството за јавна администрација ја започна оперативната фаза за воспоставување на Академијата за обука и стручно усовршување на јавните службеници. На денешната работна сесија за операционализација на Академијата говореше министерот за јавна администрација Горан Минчев.

– Академијата не е само институционална новина. Таа е инвестиција во квалитетот, интегритетот и ефикасноста на јавната администрација, а со тоа и во довербата на граѓаните во институциите – рече министерот Минчев, на првата работна сесија со тимот кој ќе биде дел од Академијата за обука и стручно усовршување на јавните службеници, која треба да започне со работа на полетокот од 2027 година.






– Во изминатиот период беа поставени основите за формирање на Академијата, беше спроведена анализа на постојната состојба и потребите, а во наредниот период следува дефинирањето на организацискиот модел, клучните функции и оперативната поставеност на новата организациска единица во рамките на Министерството за јавна администрација – рече Минчев.

Во рамките на дводневната работна сесија тимот ќе работи на подготовка на клучните документи за воспоставување на Академијата, како и на преточување на стратешката рамка и четирифазниот патоказ на реформата во конкретен, реалистичен и временски дефиниран акциски план. Овие документи ќе ја постават основата за започнување на оперативната фаза и функционирањето на Академијата во состав на Министерството за јавна администрација.

– Работата во овие два дена бара од секого од нас конкретност и посветеност. Не бараме уште еден документ на хартија, бараме јасен, реалистичен и спроведлив акциски план, со прецизно распределени одговорности, идентификувани ризици и временска рамка на која можеме да се потпреме. Тоа е она што ќе го означи вистинскиот почеток на оперативната фаза на Академијата – истакна министерот Минчев.

Работната сесија се реализира во соработка со Регионалното училиште за јавна администрација – РеСПА. Преку менторската поддршка, регионалната експертиза и споделените искуства и практики од земјите во регионот, Министерството за јавна администрација добива значајна поддршка во процесот на градење на одржлив и функционален институционален модел на Академијата.

Воспоставувањето на Академијата претставува важен чекор во создавањето современа, професионална и ефикасна јавна администрација, во која континуираното учење, развојот на компетенции и стручното усовршување ќе бидат составен дел од професионалниот развој на јавните службеници.

Поврзани содржини