ВЛАДАТА ГО РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ НА ПРЕВОЗНИЦИТЕ СО ШЕНГЕН ПРАВИЛАТА Николоски најави билатерални договори со Словенија, Австрија и со Германија
Вицепремиерот информира дека за септември е најавена средба на високо ниво со австриската влада, во средба во октомври ќе има и со словенечката влада.
Владата има целосно разбирање за македонските транспортери, преземаме активности за изнаоѓање решенија преку билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната, изјави денеска вицепремиерот Александар Николоски.
Тој најави дека Македонија наскоро ќе склучи нови договори со земји членки на Шенген зоната и на тој начин самостојно го решава проблемот.
– Имаме целосно разбирање за транспортерите и се обидуваме во рамки на нашите можности да помогнеме и да изнајдеме решенија. Се работи за правила во Шенген зоната, а она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната. Тоа веќе го правиме и веќе постигнавме договор со неколку земји, а во следниот период интензивно ќе работиме и на договор со други земји – рече Николоски.
Тој информира дека за септември е најавена средба на високо ниво со австриската влада, во средба во октомври ќе има и со словенечката влада.
– Така што ние не застануваме и продолжуваме да работиме на билатерални договори со сите земји кои што се расположени – рече Николоски.
Тој посочи дека целта е да се обезбеди покриеност на рутите по кои најчесто се движат македонските транспортери.
– Гледаме генерално да ги покриеме рутите каде што традиционално македонските транспортери најчесто одат. Со Швајцарија веќе има договор, со Хрватска има договор, со Романија има договор. Како што кажав, следни за разговор се Австрија и Словенија, и исто така работиме и со Германија – рече Николоски.
Според него, на овој начин се опфаќаат земјите каде што има најголема фреквенција на македонски транспортери, а Владата и Министерството продолжува со работа за изнаоѓање дополнителни решенија.