ОДБРАНАТА ДОБИ КУТИИ СО ДОКАЗНИ МАТЕРИЈАЛИ И 10 ДЕНА ДА ГИ ПРОУЧИ Се одложи главната расправата на судењето за случајот „Лотарија“
По истекот на тој рок, предвидено е рочиштата да се одржуваат по двапати неделно.
Главната расправа во судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, во кој се обвинети осум лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби, се одложи денеска на барање на одбраната.
Дел од адвокатите на обвинетите пред судот посочиле дека не го добиле обвинителниот акт, како и дека доказите на Обвинителството не им биле дадени на увид.
Судијката Биљана Шуплиновска Јолевски образложила дека доказниот материјал е обемен и содржи 231 материјален доказ и седум вербални. Поради обемот, доказите не биле испратени по пошта, туку биле обезбедени во кутии во судот, од каде што бранителите можат да ги подигнат и да извршат увид.
Одбраната на првообвинетиот Перпетим Бајрами, кој е во бегство, исто така посочила дека не го добила обвинителниот акт. Судот најавил дека актот, заедно со доказниот материјал, ќе ѝ биде доставен на одбраната.
Бидејќи станува збор за притворски предмет, на бранителите ќе им бидат оставени околу десет дена за да се запознаат со доказите. Потоа е предвидено рочиштата да се одржуваат по двапати неделно.