ТАБАНОВЦЕ БЕЗ ГУЖВИ ЗА КАЗНИ Странците сега можат да платат преку „Безбеден град“

Странските возачи преку апликацијата „Безбеден град“ можат да ги проверат сообраќајните прекршоци и електронски да ги намируваат глобите, со што се избегнува дополнително задржување на граничните премини.

95

Сообраќајот на граничниот премин Табановце се одвива непречено и без поголеми задржувања, а странските возачи кај кои е евидентиран сообраќаен прекршок се задржуваат најмногу пет минути за регулирање на обврската, информира Министерството за внатрешни работи.

Од МВР посочуваат дека постапката е значително олеснета со воведувањето на системот „Безбеден град“ и можноста глобите да се платат електронски преку специјално развиената апликација.






Апликацијата „Безбеден град“ е ставена во функција на 20 август, а во оваа фаза е наменета за странски државјани – сопственици и возачи на возила со странски регистарски таблички.

Преку апликацијата странските возачи можат директно да проверат дали со системот „Безбеден град“ им е евидентиран сообраќаен прекршок, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози и електронски да ја намируваат глобата.

При најавувањето во системот, возачот треба да ја фотографира или скенира патната исправа и да ја внесе регистрацијата на возилото, односно возилата што ги користи во Македонија.

На овој начин, доколку странско возило биде регистрирано како сторител на сообраќаен прекршок на територијата на државата, возачот може навремено да биде информиран и да ја регулира обврската без дополнително задржување на границата.

Од МВР нагласуваат дека токму дигиталното плаќање треба да придонесе за побрзо минување на граничните премини и да ги намали гужвите пред шалтерите за наплата.

Во меѓувреме, од Министерството најавуваат продолжување на унапредувањето на дигиталните услуги, а во следните фази се очекува проширување на функционалностите на системот и за други категории корисници.

Поврзани содржини