ЈОТОВА ВЕТИ „БОРБА ЗА ПРАВАТА НА БУГАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА“ Провокативни пораки од прослава во Бугарија

Јотова во својот говор рече дека „денес за Бугарите во Македонија се зборува со многу омраза и поделби“, додавајќи дека „политичарите, но и општествата, треба да се спротивстават на таквиот говор“.

469

Бугарската претседателка Илијана Јотова ја наметна темата за положбата на Бугарите во Македонија за време на одбележувањето на 123 годишнината од, како што го нарекуваат Бугарите, „Илинденско-Преображенското востание“.

На прославата, што се одржа на месноста „Петрова нива“ во селото Стоилово, Јотова во својот говор рече дека „денес за Бугарите во Македонија се зборува со многу омраза и поделби“, додавајќи дека „политичарите, но и општествата, треба да се спротивстават на таквиот говор“.






– Ние нема да се откажеме од вас и ќе ги заштитиме вашите права – правата на секој човек. И ова не е политичка декларација. За мене, ова е вистинското читање на тестаментот на народот од Илинден, кој знаеше дека само во единство и обединување можеме да имаме слобода, државност и слобода на секој човек – рече претседателката на Бугарија.

Таа рече дека нема потреба од споделување на историјата со Македонија, затоа што таа била заедничка.

– Не можеме, а да не забележиме уште нешто денес – колку рани, колку поделби. Денес во Република Северна Македонија луѓето зборуваат за Бугарите, а нашата историја е заедничка. Што имаме да споделиме? – рече Јотова.

Претседателката потсети на саможртвата на учесниците во Илинденско-Преображенското востание од 1903 година и краткиот живот на Странџанската Република.

– Не можеме да ги заборавиме тие 20 дена слобода. Не можеме да ја заборавиме Странџанската Република. Беше натопена во крв, долгострадалната бугарска земја беше покриена со необележани гробови, но Бугарија воскресна тука – рече Јотова.

Националната прослава во областа Петрова Нива е посветена на 123-годишнината од тнр. Илинденско-Преображенското востание. Пред комеморативната церемонија, во црквата-костурница „Света Петка“ беше отслужен помен за паднатите борци од Преображенското востание.

Овие изјави на Јотова доаѓаат во период кога Бугарија бара внесување на Бугарите во македонскиот Устав, услов што беше внесен и во Преговарачката рамка за пристапување на Македонија кон Европската Унија. Софија бара и заедничко толкување на личности и настани од историјата, особено од периодот пред и за време на Втората светска војна. Македонската Влада бара дополнителни гаранции дека со можните уставни измени нема да следуваат нови услови на патот кон Европската Унија.

Есенва во Бугарија треба да се одржат претседателски избори, на кои, според сите анкети Илијана Јотова, ќе биде фаворит. Јотова ја презеде функцијата претседател на почетокот на годината, кога Румен Радев, сега премиер на Бугарија, поднесе оставка.

Поврзани содржини