🎥 МИШЕЛ ФАЈФЕР НЕМА ДА СЕ ПЕНЗИОНИРА Актерката објасни дека нејзината изјава во медиумите била погрешно протолкувана

Мишел Фајфер ги демантираше гласините дека ќе се пензионира. Актерката објасни дека нејзината изјава за филмските улоги била извадена од контекст.

60

Мишел Фајфер стави крај на шпекулациите дека се подготвува да се повлече од актерството. Оскаровката (68) неодамна кажа дека повеќе не сака да биде главна ѕвезда во филм, по што некои медиуми тоа го протолкуваа како најава за пензионирање. Гостувајќи кај Џими Фалон, таа јасно кажа дека не го мислела тоа.

– Тоа е најсмешното нешто. Секогаш велат дека се пензионирам. Никогаш не сум го кажала тоа… Каде пишува дека се пензионирам? – рече Фајфер откако Фалон ѝ покажа наслов во кој се тврди дека навестила повлекување од Холивуд.






Актерката објасни дека всушност сакала да каже оти во последно време многу повеќе ужива во филмови и серии со поголема актерска екипа, каде што приказната не се врти само околу еден главен лик.

– Секако дека сакам повторно да бидам главна во филм – вели таа, додавајќи дека во последно време работела на три такви проекти и уживала во можноста подолго да се посвети на еден лик.

Во последните месеци Фајфер се појави во серијата The Madison на Тејлор Шеридан, со Курт Расел, Бо Гарет и Патрик Џеј Адамс, како и во комедијата Margo’s Got Money Troubles со Ела Фенинг, Никол Кидман и Ник Оферман. Токму работата со толку искусни актери ѝ дала нова причина да ужива во телевизиските проекти.

Интересно е што Margo’s Got Money Troubles има и семејна врска за Фајфер – серијата ја создаде и ја напиша нејзиниот сопруг Дејвид Е. Кели, познат по Ally McBeal. Фајфер претходно се шегувала дека никогаш нема да работи со него, но откако го прочитала романот според кој е направена серијата, се предомислила.

Поврзани содржини