ПРЕД СМРТТА НА ХЕЈДЕН ПАНЕТИЕР СЕ БАРАЛО РЕШЕНИЕ ЗА НЕЈЗИНАТА ЗАВИСНОСТ Тимот на актерката размислувал како да ја убеди да побара стручна помош
Режисерот Гриф Ферст, кој работел со актерката на филмот „A Breed Apart“, откри дека нејзиниот тим бил сериозно загрижен за неа и размислувал како да ја убеди да побара стручна помош за зависноста.
Само неколку дена по ненадејната смрт на Хејден Панетиер, се појавуваат нови детали за последниот период од нејзиниот живот. Режисерот Гриф Ферст, кој работел со актерката на филмот „A Breed Apart“, откри дека нејзиниот тим бил сериозно загрижен за неа и размислувал како да ѝ помогне да побара стручна помош поради проблемите со зависноста.
Ферст за „Page Six“ раскажал дека Панетиер се обидувала да остане трезна додека го снимале филмот во 2025 година. По завршувањето на снимањето, луѓе од нејзиниот тим повторно стапиле во контакт со него, а една од темите била како да се организира разговор со актерката и да се убеди да прифати помош.
Според режисерот, сепак, планот никогаш не бил реализиран. Неговото сведоштво сега открива дека луѓето околу актерката биле загрижени за нејзината состојба уште пред нејзината смрт.
Хејден Панетиер почина на 16 август, на 36-годишна возраст, во својот дом во Гринвил, Јужна Каролина. Таа била пронајдена без знаци на живот, а обдукцијата не покажала трауми. Официјалната причина за смртта сè уште не е утврдена, бидејќи се чекаат резултатите од токсиколошките анализи.
Во истрагата се вклучи и американската Агенција за борба против дрогата (DEA), што отвори дополнителни прашања за околностите околу смртта. Сепак, полицијата досега соопшти дека нема индикации за насилна смрт.
Во меѓувреме, поранешниот и повторно актуелен партнер на актерката, Брајан Хикерсон, првпат се огласи по нејзината смрт. Тој не дал лична изјава пред медиумите, туку неговиот адвокат Слоун Елис испратил кратка изјава до „TMZ“.
– Смртта на Хејден сè уште се истражува и важно е истрагата да продолжи. Како што веќе беше објавено, полицијата потврди дека нема знаци на насилна смрт – се наведува во изјавата на адвокатот.
Од неговиот тим дополнително порачале дека, од почит кон најблиските на Хејден и поради истрагата што е во тек, во овој момент нема да даваат дополнителни коментари.
Името на Хикерсон повторно привлече големо внимание по смртта на актерката поради нивната бурна историја. Двајцата со години имаа врска со прекини, а тој во минатото беше обвинет за насилство врз неа. Во 2021 година се изјасни за виновен по две обвиненија поврзани со семејно насилство и помина одредено време во затвор.
Хејден подоцна јавно зборуваше за насилството во нивната врска, но со текот на времето повторно стапила во контакт со Хикерсон. Според полицискиот извештај, тој и неговиот брат Зак биле со неа кога пристигнале итните служби по пронаоѓањето на актерката.
Сепак, важно е да се нагласи дека досега нема официјален наод дека Хикерсон е одговорен за нејзината смрт. Полицијата не пронашла знаци на насилна смрт, а истрагата продолжува.
Неговото огласување доаѓа и во период кога мајката на актерката, Лесли Фогел, повторно зборуваше за нивниот однос. Таа претходно го опишуваше влијанието на „токсична личност“ во животот на нејзината ќерка, што во јавноста беше протолкувано како упатување кон Хикерсон, иако тој не беше директно именуван.
Панетиер со години отворено зборуваше за својата борба со зависноста. Во мемоарите „This Is Me: A Reckoning“ таа детално пишуваше за најтешките периоди од својот живот, меѓу кои и зависноста од алкохол и опиоиди, како и за постпородилната депресија.