🎥 ШИРЛИ МЕКЛЕЈН ИМ СЕ ОБРАТИ НА ФАНОВИТЕ СО КРАТКО ВИДЕО Холивудската легенда покажа дека и на 92 години не ја изгубила смислата за хумор
Оскаровката испрати порака до публиката на „Southampton Playhouse“ во Њујорк, каде на 25 август ќе биде прикажан нејзиниот култен мјузикл „Sweet Charity“ од 1969 година.
Ширли Меклејн на 92 години повторно ги воодушеви обожавателите со ретко видеообраќање, во кое покажа дека и по седум децении во светот на филмот не ја изгубила ниту харизмата ниту смислата за хумор. Оскаровката испрати порака до публиката на „Southampton Playhouse“ во Њујорк, каде на 25 август ќе биде прикажан нејзиниот култен мјузикл „Sweet Charity“ од 1969 година.
Во видеото Меклејн седи во својот дом, со очила со црни рамки и црвен елек, и со насмевка им се обраќа на оние кои ќе го гледаат филмот.
– Би сакала да бидам со вас. Би сакала повторно да го гледам „Sweet Charity““, рекла актерката, потсетувајќи ги гледачите колку многу труд бил вложен во филмот.
Но, потоа следува нејзината духовита забелешка. Меклејн додава дека, кога филмот бил премиерно прикажан, „не поминал баш најдобро“, па се пошегувала дека се надева оти публиката денес ќе ужива во него.
Токму оваа искреност предизвика симпатии кај обожавателите. „Sweet Charity“, кој го режираше легендарниот кореограф Боб Фоси, во времето на премиерата навистина не бил голем комерцијален успех. Филмот чинел околу 20 милиони долари, а во американските кина заработил околу четири милиони.
Иронично, со текот на годините филмот доби поинаков статус. Денес „Sweet Charity“ се смета за култен мјузикл, а повторните проекции покажуваат дека публиката не го заборавила. Во него Меклејн ја играла Шерити Хоуп Валентин, а филмот бил номиниран за три „Оскари“.
За Меклејн ова е едно од ретките појавувања пред јавноста во последниот период. Последен пат на голем јавен настан беше видена во декември 2025 година, кога доби награда за животно дело на првата церемонија на „Dance Hall of Fame“, именувана во нејзина чест.
Иако во последните години поретко се појавува на екран, 92-годишната актерка не се повлекла целосно од професијата. Нејзините последни објавени филмски и телевизиски појавувања се од 2022 година – во филмот „American Dreamer“ и во втората сезона на серијата „Only Murders in the Building“. Во меѓувреме го снимила и независниот филм „People Not Places“, во кој игра со Стивен Дорф, а кој сè уште го очекува своето пошироко прикажување.
Меклејн зад себе има кариера долга повеќе од седум децении, а меѓу нејзините најпознати улоги е онаа во „Terms of Endearment“, за која го освои „Оскарот“ за најдобра актерка. Во 2024 година ги објави и мемоарите „The Wall of Life“, во кои се навраќа на својот необичен живот и кариера.
На крајот од видеото, легендарната актерка им испрати „многу љубов“ на своите обожаватели – мал гест кој уште еднаш покажа зошто, и по толку години, Ширли Меклејн сè уште има посебно место во срцата на публиката.