ЕКОЛОШКА БОМБА ЈА КРЕНА ХРВАТСКА НА НОЗЕ Дали 37.000 тони нелегален отпад во Госпиќ е биотерористички чин?

Претседателот Милановиќ им го прекина одморот на пратениците и ги натера да расправаат за скандалот што ги потресе Лика и цела Хрватска.

0

Хрватскиот сабор денеска ја прекина летната пауза и почна дводневна вонредна седница поради аферата со околу 37.000 тони нелегално одложен отпад во Госпиќ, од кои речиси 33.000 тони се закопани.

Седницата ја свика претседателот на Саборот Гордан Јандроковиќ, на барање на претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, откако случајот прерасна од локален еколошки проблем во една од најжешките политички теми во земјата. Станува збор за отпад откриен во индустрискиот комплекс во Билајска улица 50, на просторот на поранешниот ППК „Велебит“ во Госпиќ.






Вештачењето утврдило хетероген индустриски отпад со големо количество пластика, гума, текстил и метални честички, како и микропластика, зголемени концентрации на тешки метали и екотоксични својства. Посебна тревога предизвика откривањето PFAS соединенија, таканаречени „вечни хемикалии“, во подземните води низводно од локацијата.

Сепак, досегашните анализи покажуваат дека загадената подземна вода не е дел од системот за јавно водоснабдување. Хрватските здравствени власти соопштија дека водата за пиење во Личко-сењската жупанија е здравствено исправна. Разликата меѓу потврденото загадување на локацијата и процената дека водата од чешмите е безбедна стана една од централните точки во жестоката јавна расправа.

Што истражува УСКОК?

Аферата доби нова димензија на почетокот на август, кога УСКОК, поради големиот интерес на јавноста, објави наод и мислење на експерти за заштита на животната средина од Геотехничкиот факултет на Универзитетот во Загреб. Кривичната истрага е многу поширока од самата локација во Госпиќ: УСКОК истражува повеќе осомничени за дела против животната средина и стопанството извршени, според сомневањата на истражителите, во рамките на злосторничко здружение.

Истрагата опфаќа нелегално постапување со отпад и на други локации. УСКОК во март ја прошири истрагата и за одложување мелен пластичен и друг отпад во Сењ, а во предметот се споменуваат и Вараждин и Бенковац. Според сомневањата на обвинителството, дел од отпадот содржел штетни и опасни материи, а се истражува и фалсификување службена и деловна документација поврзана со неговото движење и обработка.

Милановиќ предизвика политичка експлозија

Политичката експлозија уследи по неуспешната седница на собранискиот Одбор за заштита на животната средина во Госпиќ. Претставниците на граѓанската иницијатива „Госпиќ е наш дом“ ја напуштија седницата незадоволни што не добиле можност веднаш да поставуваат прашања, а по нив заминаа и опозициските пратеници. Граѓаните бараа конкретни одговори – кога ќе почне санацијата, кој ќе ја спроведе и кој ќе одговара за тоа што десетици илјади тони отпад завршиле на оваа локација.

По тој дебакл Милановиќ побара вонредно заседание на Саборот, иако пратениците требаше да се вратат во клупите дури на 15 септември. Претседателот предложи четири заклучоци. Првиот предвидува Владата веднаш да почне трајна санација и да воспостави постојан мониторинг на подземните води и другите промени во животната средина, а за преземените мерки да го извести Саборот во рок од 15 дена, а потоа на секои 30 дена.

Милановиќ бара и Владата во рок од три дена да ги прими претставниците на граѓанските иницијативи и да ги информира за состојбата и планираните мерки. Со третиот предлог се бара во рок од 15 дена да биде именуван главен државен инспектор, а со четвртиот Државниот инспекторат да изврши контрола на сите депонии во Хрватска за кои постои оправдано сомневање дека содржат опасен или незаконски одложен отпад и во рок од три месеци да го извести Саборот за резултатите.

Жесток судир во пратеничките клупи

Уште на почетокот на вонредната седница избувна жесток судир меѓу власта и опозицијата. Опозициските пратеници се спротивставија на одлуката расправата за точките да биде обединета, но владејачкото мнозинство го поддржа предлогот на Јандроковиќ. Од опозициските клупи се слушнаа тешки квалификации – од тврдења за „отпадна мафија“ и државно покровителство над криминалот до обвинувања за „велепредавство“ и „биотерористички чин“.

Власта возвраќа дека случајот се користи за политичка пресметка и уверува дека институциите работат и дека санацијата ќе биде спроведена. За отстранување на околу 4.500 тони опасен отпад е распишан втор јавен тендер, со рок за понуди до 25 август, а паралелно е распишан и тендер за санација на околу 650 тони неопасен отпад складиран во вреќи. Доколку повторно нема понуди, властите најавуваат друга постапка за избор на изведувач.

Сепак, за жителите на Госпиќ проблемот одамна не е само во тоа кога ќе пристигнат камионите што ќе го однесат отпадот. Граѓанските иницијативи бараат да се утврди како било можно толкава количина отпад да биде донесена, складирана и закопана без навремена реакција на системот, кој го контролирал движењето на отпадот и дали институциите ги имале информациите порано. Прашањето за институционалната и политичката одговорност ја претвори еколошката афера во национална политичка криза.

Поврзани содржини