📽️ 📷 ПОТВРДЕНО ТОРНАДО ВО ГЕРМАНИЈА, ЕДНА ЖЕНА ЗАГИНА Силниот ветер предизвика хаос во повеќе покраини

Силното невреме предизвика големи материјални штети во повеќе германски покраини, а германската метеоролошка служба официјално потврди дека во Фирстенвалде/Шпре во Бранденбург било регистрирано торнадо.

0

Силно невреме зафати повеќе делови од Германија, при што предизвика голема материјална штета, соборени дрвја и оштетени објекти. Една жена загина, а германската метеоролошка служба (DWD) официјално потврди дека торнадо го погодило градот Фирстенвалде/Шпре во покраината Бранденбург.

„Настанот во Фирстенвалде несомнено беше торнадо“, информираше германската метеоролошка служба за германската новинска агенција ДПА. Снимки од невремето и последиците од него се шират и на социјалните мрежи.






Во Валдорф, во покраината Рајнланд-Пфалц, 58-годишна жена загинала откако врз наткриениот простор каде што се засолнила паднало дрво, кое силниот ветер го откорнал од корен.

Со неа била и уште една жена, која била тешко повредена и итно пренесена во болница, објави „Шпигел“.

 

Во Вестервaлд невремето оштетило најмалку две згради, додека делови од фасади и други предмети биле разнесувани од силниот ветер.

Во Хесен се пријавени штети на околу 60 куќи, а од некои објекти силниот ветер целосно им ги однел покривите.

Според полицијата, во Солмс најверојатно торнадо однело покриви од неколку куќи. Некои од оштетените објекти станале непогодни за живеење.

 

Во Лаубах, паднато дрво оштетило резервоар за гас, поради што властите наредиле евакуација на подрачјето во радиус од 200 метри.

Во Алтенбојтен, гром најверојатно предизвикал пожар на покривот на една куќа. Во текот на ноќта службите примиле и голем број пријави за соборени дрвја и поплавени подруми.

Германската метеоролошка служба официјално потврди дека торнадо го погодило Фирстенвалде/Шпре во Бранденбург.

 

Таму се регистрирани соборени дрвја и оштетувања на повеќе објекти, меѓу кои и најмалку еден покрив кој бил целосно откинат.

Засега нема информации дека во Фирстенвалде има повредени лица.

Невремето предизвика проблеми на повеќе локации низ Германија, а службите продолжуваат со расчистување на последиците и проценка на материјалната штета.

Поврзани содржини