МАКЕДОНИЈА СТАНУВА ЕНЕРГЕТСКА КРСНОСНИЦА Пратеничката Петкова вели дека основа за тоа се изградбата на далноводите и на гасните интерконектори

Петкова оцени дека поврзаноста е услов за инвестиции, а големите инвеститори денес бараат сигурно снабдување со енергија, современа инфраструктура и можност своето производство да го пласираат на повеќе пазари.

39

Македонија има една голема стратешка предност која мораме да ја искористиме, а тоа е нашата географска положба. Ние сме мала земја, без излез на море, но сме во срцето на Балканот и на крстопатот на два исклучително важни европски коридори, Коридор 8 и Коридор 10. Токму затоа, инвестициите во енергетското поврзување и инфраструктурата, ги гледаме како една од најголемите можности за економски развој на државата, рече денеска на прес-конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Ангелинка Петкова.

Таа рече дека цел е Македонија да биде поврзана со сите свои соседи и да стане дел од регионалните енергетски текови.






– Со проектот за поврзување со Албанија, заедно со постојните врски со Бугарија, Србија, Косово и Грција, создаваме услови Македонија да биде целосно интегрирана во регионалниот електроенергетски систем.Во тој контекст, интерконективниот далновод Битола – Елбасан е важен дел од затворањето на енергетската празнина што со години постоеше на Коридорот 8 и создава можност за посигурен пренос на електричната енергија и поголема поврзаност на земјите од регионот – рече таа.

Петкова вели дека истата политика владата на ВМРО-ДПМНЕ ја води и во областа на природниот гас.

– Започна и веќе е во завршна фаза изградбата на гасниот интерконектор со Грција, инвестиција вредна околу 60 милиони евра, со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно, кој може да се зголеми до 3 милијарди. Овој проект е особено значаен затоа што е двонасочен и отвора пристап до нови извори на природен гас, со што се зголемува сигурноста и се создава поголема конкуренција на пазарот. Овој гасоводен интерконектор ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување за индустријата и домаќинствата, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите и една силна порака, конечно стануваме значајна енергетска крстосница и дел од европската енергетска мрежа – рече Петкова.

Според неа, следниот чекор е поврзувањето со Србија.

– Со реализацијата на северниот интерконектор, Македонија ќе добие можност да стане транзитна земја за гасот што доаѓа од југ, од терминалот во Александрополис и од други извозни пазари, кон Централна Европа. Тоа е сериозна геостратешка можност за нашата држава, а на земјите од регионот ќе им обезбеди можност да го користат тој гас за производство на електрична енергија, што ќе ги движи идните центри за податоци, а вештачката интелигенција ќе ги користи тие центри за податоци- вели Петкова.

Таа смета дека Македонија треба да биде меѓу земјите кои ќе ја препознаат оваа можност и навреме ќе создаде услови за такви инвестиции, да биде пионер и движечка сила во регионот.

– Но, ова не го гледаме само низ призма на енергетиката. Поврзаноста е услов за инвестиции, а големите инвеститори денес бараат сигурно снабдување со енергија, современа инфраструктура и можност своето производство да го пласираат на повеќе пазари, затоа ја градиме инфраструктурата денес, за економијата што сакаме да ја имаме утре – вели Петкова.

Таа издвои и други проекти кои ја позиционираат Македонија да биде раскрсница на Балканот како продуктоводот од солунското пристаниште со ОКТА, рестартирањето на гасоводот Велес-Штип, Гостивар-Кичево и отсечката која од Тетово ќе се насочи кон Косово.

-Нашата визија е Македонија да престане да биде на крајот од енергетските мрежи и да стане дел од нивниот центар, да имаме повеќе извори на енергија, повеќе можности за транзит и повеќе услови за инвестиции. Затоа, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, работи Македонија да биде поврзана, енергетски сигурна и препознаена како важна енергетска и инфраструктурна крстосница во регионот – заклучи Петкова.

Поврзани содржини