ГРЧКИТЕ ВОЈНИЦИ МУ ПОНУДИЛЕ СЛОБОДА ПРЕД ЅВЕРСКИ ДА ГО УСМРТАТ Лазо Ангеловски одбил да се сврти против соборците

Само една ноќ претходно, 23-годишниот Ангеловски го напишал своето претсмртно писмо. Му понудиле слобода ако проговори против своите соборци, но тој одговорил дека ја избрал смртта.

200

Деецот на македонското народно движење Лазо Ангеловски имал само 23 години кога бил ѕверски усмртен во Лерин. Грчките војници му ги врзале рацете за задниот дел од возило и го влечеле по градската калдрма. Претходно бил претепан, а неговото крваво тело го изложиле низ градот за да го заплашат населението.

Така ја опишал неговата смрт историчарот Христо Ивановски во научен труд посветен на просветната и револуционерната дејност на Ангеловски во Егејска Македонија. Тој бил убиен на 19 август 1948 година. Денес се навршуваат 78 години од неговата смрт.






Последните денови од животот ги поминал во затворот во Лерин. Бил ранет во устата, раката му била повредена, а затворските иследници го тепале и го принудувале да проговори.

Му понудиле и излез, но под услови.

Требало да подготви два реферата против партизаните на Демократската армија на Грција и против нејзиното политичко раководство. Потоа требало јавно да говори пред затворениците и пред жителите на Лерин.

За возврат ќе добиел слобода.

Ангеловски одбил.

„Не, јас не сум Евангелидис Лазарос, туку Ангеловски Лазо. Ние не сме Грци, туку Македонци. Јас верувам во мојот народ“, му одговорил на началникот на затворот, според записот на Ивановски.

Му понудиле слобода, тој напишал претсмртно писмо

Последната ноќ донела уште подраматичен пресврт. Наместо рефератот што го барале од него, Ангеловски тајно му пишувал на својот чичко Атанас во Демир Хисар.

Писмото го датирал на 18 август 1948 година.

„Фатен сум од страна на грчките монархофашисти. Во затвор сум, во темница, во Лерин“, напишал Ангеловски.

Раскажал дека бил ранет и тепан со кундак. Слушал како други затвореници ги водат на стрелање и чекал да дојде неговиот ред.

Понудата за спас повторно ја споменал во писмото.

„Јас избрав смрт, не, нема да зборувам по никоја цена“, напишал тој.

Писмото го изнел затвореник од селото Герман и подоцна му го предал на неговиот чичко.

Следниот ден Ангеловски повторно бил претепан. Според Ивановски, војниците го качиле крвав, бос и со искината кошула на отворено возило.

Потоа му ги врзале рацете за задниот дел.

Возилото забрзало.

Телото на Ангеловски го влечеле по калдрмата низ Лерин сè додека не бил усмртен. Неговите останки потоа биле фрлени во заедничка гробница во близина на црквата „Св. Ѓорѓи“.

Пред смртта отворил 87 македонски училишта

Зад 23-годишниот Ангеловски веќе стоела необично богата просветна работа. Роден бил во 1925 година во селото Граждано, а уште како млад се вклучил во политичкото и националното движење.

Неговата голема мисија станало образованието на македонски јазик.

Во 1944 година заминал во Битола и завршил учителски курс. Работел како учител, а подоцна и во Министерството за просвета во Скопје.

Со почетокот на Граѓанската војна во Грција се вратил во родниот крај.

Учествувал во организирањето курс за народни учители. Според трудот на Ивановски, биле обучени 120 македонски и 40 грчки учители.

Ангеловски потоа помогнал да се отворат 87 македонски училишта со околу 10.000 ученици. Одел од село во село со идејата дека децата треба да научат да читаат и да пишуваат на мајчиниот јазик.

Неговата дејност завршила откако бил ранет и заробен во близина на селото Буф. Еден ден пред смртта го напишал писмото во кое стои неговиот последен избор.

„Јас не се покорив, ја избрав смртта.“

 

Поврзани содржини