ВО СКОПЈЕ НЕМАЛО „СУШТЕСТВО СО ОСУМ ВАГИНИ“, ТУКУ САМО 2.000 ЕВРА ЗА ЛГБТ ПРЕТСТАВА Дали и Германците трошат пари како УСАИД?
АФД тврди дека квир претставата „Ангели во Америка“ во МНТ, која до 2024 година ја финансирала Бајденовата администрација, по доаѓањето на Трамп ја презела „под свое“ Германската амбасада во Скопје. Се чини дека, сепак, парите дадени за скопската претстава се капка во морето ако се споредат со сумата од неверојатни 612 милиони евра, колку што потрошила Германија во 2025 година за проекти поврзани со родови прашања.
Германската амбасада во Скопје се најде среде политичка пресметка во Берлин поради 2.000 евра дадени за претставата „Ангели во Америка“ на Тони Кушнер, изведена минатата година во Македонскиот народен театар. Партијата Алтернатива за Германија (АФД) случајот го вклучи во поширока парламентарна офанзива против трошењето германски буџетски пари за ЛГБТ, родови и слични проекти во странство.
Во германската јавност приказната доби дополнителна доза сензационализам поради описот на ангелот во оригиналното дело како суштество со „осум вагини“. Германски „Билд“ го стави скопскиот случај меѓу примерите во текстот посветен на 612 милиони евра германски пари потрошени за проекти поврзани со родовата еднаквост во 2025 година.
Претставата навистина постои и навистина добила германски пари, но сумата е далеку поскромна од впечатокот што може да се добие од политичката полемика. Во официјалниот одговор на германската влада до Бундестагот пишува дека Германската амбасада во Скопје дала 2.000 евра од својот Мал фонд за култура и наука. Проектот бил кофинансиран и од македонското Министерство за култура и туризам. На дополнителното прашање на АФД дали Германија ќе финансира други изведби во Македонија или во други држави, одговорот на владата бил едноставен – не.
Што е спорно во претставата „Ангели во Америка“?
„Ангели во Америка“ е едно од најпознатите американски драмски дела од крајот на 20 век. Дејството е сместено во Њујорк во осумдесеттите години, во времето на претседателот Роналд Реган и епидемијата на СИДА, а меѓу главните ликови има четворица геј мажи. Во приказната се појавува и адвокатот Рој Кон, историска личност и еден од најконтроверзните американски конзервативци од тоа време, кој заболел од СИДА. Македонската продукција беше копродукција на здружението „Пресврт“ и МНТ, а меѓу поддржувачите, покрај Германската амбасада и Министерството за култура, беа наведени „Јуроп хаус Скопје“, „Заедно посилни“ и „Гилеад сајенсис Јуроп“.
Но, случајот има и американска предисторија. Во септември 2024 година, за време на администрацијата на Џо Бајден, американскиот Стејт департмент одобрил грант од 20.000 долари за здружението „Пресврт“ за поставување на „Ангели во Америка“ и разговори со публика за стигмата поврзана со ХИВ и за ЛГБТК прашањата во Македонија. Американските конзервативни медиуми уште тогаш жестоко го нападнаа проектот, претставувајќи го како пример за користење пари на даночните обврзници за промовирање родова и ЛГБТ политика во странство.
Тука почнува и сегашната германска полемика. Во парламентарното прашање на пратениците од АФД, предводени од заменик-претседателката на пратеничката група Беатрикс фон Шторх, директно се тврди дека претставата во 2024 година ја финансирала администрацијата на Бајден, а дека во 2025 година, по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, германската влада ги презела трошоците за изведбата во Македонија. Формулацијата за „преземање“ е тврдење на АФД, а не факт што германската влада го потврдува во својот одговор. Владата потврдува само дека Германската амбасада учествувала со 2.000 евра.
Фон Шторх оди и подалеку. Таа смета дека финансирањето на вакви организации и проекти продолжува и под владата предводена од демохристијаните и дека дел од нив се политички насочени против конзервативни влади во други земји. За „Ангели во Америка“ таа тврди дека германското преземање на поддршката по промената на власта во Вашингтон може да се толкува како политички потег „против републиканците“. Германската влада го отфрла ваквото толкување и во официјалниот одговор нагласува дека проектите се одобруваат според буџетските правила за економичност, оправданост и контрола на трошењето.
Германија троши огромни пари на поддршка на проекти за родова еднаквост
Скопските 2.000 евра, сепак, се само ситна ставка во многу поголема расправа што во Германија сè повеќе потсетува на американската дебата за УСАИД. Според податоците што ги објави „Билд“, повикувајќи се на „Ноје цирхер цајтунг“, во 2025 година Германија потрошила 612 милиони евра за проекти поврзани со родови прашања. Во 2024 година сумата била 704 милиони евра. Уделот на овие програми во германскиот буџет за развојна помош се намалил од 5,6 на 5,4 проценти.
АФД бара радикално кратење на германската развојна помош, па дури и укинување на Сојузното министерство за економска соработка и развој. Партијата тврди дека Германија во 2025 година дала околу 26 милијарди евра развојна помош и дека значителен дел од политиката сè уште се води според концептите на претходната влада за „феминистичка развојна политика“.
Германската влада има спротивно образложение: развојната соработка ја смета за инструмент на надворешната политика и германските стратешки интереси, а родовата еднаквост за една од целите на таа политика.
Случајот со „Ангели во Америка“ е интересен и поради тоа што покажува колку различно може да се претстави иста буџетска ставка. За германската влада тоа се 2.000 евра од мал културен фонд за македонско-германска театарска продукција. За АФД, истите 2.000 евра се дел од поширока мрежа на државно финансирани ЛГБТ и родови проекти. За авторите и продуцентите, пак, станува збор за поставување на добитник на Пулицерова награда и едно од најпознатите дела на современиот американски театар. Фактите не го решаваат политичкиот спор, но барем ја утврдуваат сумата: германскиот удел во скопската претстава бил 2.000 евра.
Десетици милиони евра за ЛГБГК и за „феминистичка трансформација“ на Ерменија, Колумбија, Тунис, Руанда…
А списокот што го отвори АФД е многу подолг. Во парламентарното барање се наведуваат германско финансирање на организации што работат на ЛГБТК и репродуктивни права, младинска размена на ЛГБТК активисти од Бостон и Берлин, настани на Гете институтот во Лондон и во Ирска на кои драг-кралици читале книги, како и учество или поддршка на германски дипломати и институции на паради на гордоста во Ханој, Сеул, Сараево, Токио, Отава, Вашингтон, Сан Франциско, Манила, Женева, Будимпешта, Братислава, Прага, Осло и други градови. Владата, пак, нагласува дека финансирањето подлежи на законските правила и контрола на трошењето.
Меѓу поголемите ставки што сега се предмет на критики е и финансирањето на глобалната федерација на ЛГБТ организации со околу 1,1 милион евра во 2026 година, меѓу другото за база со повеќе од 3.500 закони што се однесуваат на сексуалната ориентација, родовиот идентитет и половите карактеристики. Во Индонезија се издвоени 392.000 евра за воведување „екофеминистички пристапи“ во локалната политика. За спроведување феминистичка развојна политика во Ерменија, Колумбија, Руанда и Тунис се предвидени вкупно 10 милиони евра до 2027 година.
Уште 20 милиони евра до 2028 година се предвидени за јакнење на локални и регионални организации за, како што гласи официјалната формулација, „феминистичка трансформација во Африка“. АФД го проблематизира и германското финансирање на International Planned Parenthood Federation, за која во своето парламентарно барање наведува дека од 2022 година добила 63 милиони евра, како и проекти за „родово одговорно“ управување со шумски и агрошумарски системи и родово праведна урбана мобилност во Индија.
Германската влада ги брани овие расходи како дел од својата развојна и надворешна политика; АФД ги смета за идеолошко трошење пари на даночните обврзници. По американската бура околу УСАИД, сега речиси истата расправа се води и во Германија.