СЕ ПОДГОТВУВАЛА ХИСТЕРИЈА ЗА ВОДАТА ВО СКОПЈЕ, МВР ВЕЌЕ ИСТРАЖУВА Мицкоски сподели дека знаеле дека опозицијата ќе шири такви пораки
Премиерот тврди дека МВР веќе разговара со десетина лица во рамките на истрагата за ширењето информации за наводно загадена вода во Скопје, а за состојбата во Гостивар одговорност бара кај локалната власт и раководството на водоводот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека еден ден пред да се рашири веста за наводно загадена вода во Скопје, добиле информација дека опозициски партии ќе се обидат преку социјалните мрежи да создадат таква хистерија.
На прашањето за кои опозициски партии станува збор, Мицкоски одговори дека истрагата ја води Министерството за внатрешни работи, каде што, како што рече, на разговор се повикани десетина лица, а за деталите треба да се побараат информации од МВР.
Тој нагласи дека социјалните мрежи станале терен на кој, како што рече, секој може да објавува невистини и што сака, без притоа да има одговорност.
Според Мицкоски, опозицијата ширела невистини и во врска со наводно населување мигранти и со состојбата со електричната енергија, а минатата година, како што обвини, биле пласирани „лаги и конструкции“ за пожарите со цел да се создаде атмосфера на хистерија, страв и револт.
Тој очекува со новите измени на Кривичниот законик да бидат предвидени санкции и за лицата кои, како што рече, свесно создаваат хистерија, односно вршат своевиден „хибриден напад“ и создаваат чувство на немир и страв кај граѓаните.
– За жал, денеска преку социјалните медиуми се испраќаат вакви пораки кои претставуваат еден вид хибриден напад, пораки чија цел е да внесат немир, несигурност и револт кај граѓаните. Разбирам дека имаме работа со безидејна и очајна опозиција која се обидува да креира и конструира хистерија на начин на кој можеби и се претерува, но во ред, тие ја одбрале таа тактика да соберат политички поени. Ние ќе се бориме со проекти, со работа и со посветеност, зашто на таков начин не можете поинаку да им се спротивставите и да им парирате. Можете со работа и со проекти да се спротивставите на лагите и конструкциите на безидејната, тажна и очајна опозиција – изјави Мицкоски.
Тој одговараше на новинарски прашања по пуштањето во употреба на спортската сала во подрачното училиште „Круме Кепески“ во Кисела Вода.
Мицкоски рече дека повеќе го загрижуваат, како што ги нарече, „некои покомерцијални обиди“, посочувајќи дека во еден ден голем број маркети наеднаш ги испразниле количините и резервите на флаширана вода.
Во врска со обвинувањата од опозицијата, која од Владата бара одговорност за состојбата со водата во Гостивар, Мицкоски рече дека одговорност треба да се бара кај градоначалникот на Гостивар, кого, како што наведе, опозицијата го поддржала на изборите, а кој го поставил раководството на јавното претпријатие што стопанисува со водоводниот систем.
Тој ја повика опозицијата одговорност да бара и кај поранешните министри, меѓу кои, како што рече, имало и лица од нивните редови, кои со години не презеле ништо иако постоеле извештаи за незадоволителен квалитет на водата во Гостивар.
– Нема да слушнете од СДСМ за одговорност од градоначалникот, бидејќи е нивен кадар, туку ќе слушнете дека бараат одговорност таму каде што таа одговорност ја нема. Напротив, ние во Владата дадовме сè што можевме состојбата да се нормализира, како никогаш досега. За помалку од четири недели комплетно е прочистен системот, како никогаш досега – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата повеќе од четири недели, секој ден, обезбедувала од два до три шлепери со вода за пиење, односно околу 50 до 60 тони вода дневно, сè додека не бил прочистен системот и параметрите не биле доведени на задоволително ниво.
Мицкоски посочи и дека по првата недела била обезбедена техничка вода за потребите на жителите на Гостивар.
– Од овој момент па натаму грижата е целосно кај јавното претпријатие кое дава таква услуга – водоводот во Гостивар – рече Мицкоски.
Тој додаде дека истрагата за состојбата со водата во Гостивар треба да продолжи сè додека не бидат опфатени сите кои имале и најмала одговорност и додека не се утврди кој е виновен за случајот.