РЕКОРДЕН БУЏЕТ ОД НАД 1 МИЛИЈАРДА ЕВРА ЗА ЗДРАВСТВОТО Ќе се вработат уште 300 приватни специјализанти

Годинава за здравството се обезбедени рекордни повеќе од милијарда евра, што претставува најголема финансиска поддршка досега за овој сектор. Овие средства се насочени кон инвестиции во човечки ресурси, здравствени услуги, инфраструктура и медицинска опрема, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков.

46

Со рекорден буџет над 1 милијарда евра и 300 нови специјализанти вложуваме во квалитетно и достапно здравство, рече денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков.

– Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со конкретни мерки за унапредување на здравствениот систем, со јасен фокус на јакнење на медицинскиот кадар, примарната здравствена заштита и обезбедување поголема достапност на здравствените услуги за граѓаните. Како потврда за оваа определба, годинава за здравството се обезбедени рекордни повеќе од една милијарда евра, што претставува најголема финансиска поддршка досега за овој сектор. Овие средства се насочени кон инвестиции во човечки ресурси, здравствени услуги, инфраструктура и медицинска опрема – рече Марков.






Посебен акцент ставаме на младите лекари, додаде тој, затоа што без стручен и мотивиран кадар нема квалитетно здравство.

– Со одлуката за вработување на уште 300 приватни специјализанти до крајот на 2026 година се прави значаен чекор кон решавање на долгогодишниот недостиг од специјалистички кадар во јавните здравствени установи. Ова значи сигурна професионална перспектива за младите лекари, повеќе специјалисти во болниците и клиниките и поквалитетна здравствена заштита за граѓаните низ целата држава, затоа што вложувањето во младите лекари е вложување во иднината на македонското здравство – рече Марков.

Покрај ова, додаде, Владата го реализираше и историското зголемување на капитацискиот бод за матичните лекари по општа медицина и гинекологија, кој се зголеми од 75 на 100 денари, односно за 33%, додека за матичните стоматолози капитацискиот бод е зголемен од 61 на 75 денари.

– Ова претставува директна инвестиција во примарната здравствена заштита и во матичните лекари, кои се првата и најважна алка во здравствениот систем. Со ова се создаваат подобри услови за работа, а воедно се поттикнува отворање и на нови ординации – рече тој.

Продолжуваат и мерките кои директно го подобруваат пристапот на пациентите до современа терапија, додаде Марков.

– Позитивната листа на лекови е проширена со нови терапии. Најпрво беа додадени девет нови генерички лекови за лекување на кардиоваскуларни заболувања, депресија и на деменција, а потоа листата беше дополнета и со три нови антикоагулантни лекови – еноксапарин, надропарин и ривароксабан. Со овие измени, пациентите добиваат поширок пристап и до современи и ефикасни терапии на товар на ФЗО што придонесува за поквалитетно лекување и намалување на финансискиот товар за граѓаните – рече пратеникот.

ВМРО-ДПМНЕ покажа дека здравството се унапредува со конкретни политики, инвестиции и мерки, потенцира тој.

– Инвестираме во младите лекари, го јакнеме примарното здравство, обезбедуваме поголема достапност на современи лекови и вложуваме рекордни средства во здравствениот систем. Продолжуваме со реформи и конкретни проекти, затоа што нашата цел е модерен, ефикасен и достапен здравствен систем – рече Марков.

 

Поврзани содржини