🎥 ЌЕРКАТА НА МАЈКЛ ЏЕКСОН ОТКРИ ДЕТАЛИ ОД ДЕТСТВОТО СО МАЈКЛ ЏЕКСОН „Татко ми беше мојот најдобар пријател“
Парис Џексон во искрен разговор откри како изгледало нејзиното детство со кралот на попот, зошто носеле маски во јавноста, како загубата на татко ѝ влијаела врз неа, но и за долгата борба со зависноста.
Парис Џексон повторно проговори за својот живот со Мајкл Џексон, овојпат во искрен разговор во подкастот „Call Her Daddy“. Ќерката на покојната музичка легенда откри детали за строгото и необично воспитување во детството, но истовремено нагласи дека нејзиниот татко го доживувала како свој најдобар пријател и како исклучително духовит човек. Таа раскажа дека во детството многу работи што на другите деца им биле секојдневие за неа биле награда.
Иако Парис и нејзините браќа растеле на познатиот ранч Неверленд, забавниот парк и другите атракции таму всушност не биле наменети за нивна забава. Според нејзините зборови, татко ѝ јасно им ставил до знаење дека тие содржини биле наменети за деца од сиромашни семејства и за деца со тешки и неизлечиви заболувања. Наместо неограничено гледање телевизија и играње, децата имале домашно образование и обврски, а гледањето телевизија или посетата на „Chuck E. Cheese“ биле награда за завршените задачи.
Парис се осврна и на маските што таа и нејзините браќа често ги носеле кога излегувале во јавност. Таа објасни дека тоа било решение на нивниот татко за да можат да бидат анонимни и да имаат барем дел од нормалното детство, без постојано да бидат препознавани. Иако денес ваквите фотографии често предизвикуваат внимание, Парис вели дека во тоа време за нив тоа било начин да можат слободно да излегуваат и да уживаат во секојдневните активности.
По смртта на Мајкл Џексон во 2009 година, кога Парис имала само 11 години, за неа следел исклучително тежок период. Таа откри дека тешко се снаоѓала во социјалните ситуации и подоцна се соочила со проблеми со зависноста. Парис претходно има зборувано дека со употреба на супстанции започнала во раните тинејџерски години, а првпат побарала професионална помош на 17 години. Денес е трезна од почетокот на 2020 година и отворено зборува за своето закрепнување.
Во мај годинава, Парис дополнително откри дека зависноста влијаела и врз нејзиното однесување. Таа призна дека кога пиела алкохол, нејзиниот „морален компас“ како да исчезнувал и дека станувала многу одмаздољубива. Во исто време, зборуваше и за долгогодишната омраза кон самата себе, како и за самоповредувањето со кое се борела уште пред да почне да користи алкохол и дрога. Денес, сепак, својот пат кон трезвеноста го гледа како еден од најважните делови од личниот развој.
И покрај сè што поминала, Парис денес зборува за татко ѝ со голема нежност. Таа нагласува дека нивниот однос е нешто лично и дека не чувствува обврска постојано јавно да зборува за него или да го објаснува својот однос со него. Во меѓувреме, 28-годишната Парис продолжува да гради сопствена музичка кариера, а нејзиниот нов албум е најавен за 21 август. Таа се обидува да го гради својот идентитет надвор од сенката на славниот татко, но без да ја негира важната улога што тој ја имал во нејзиниот живот.