ДАЛИ Е ОВА НОВИОТ ЏЕЈМС БОНД? Познат водител тврди дека Џек Лоуден се разгледува како опција за улогата на агентот 007

По месеци шпекулации за имиња како Џејкоб Елорди и Калум Тарнер во улогата на Џејмс Бонд, вниманието сега се насочи кон шкотската ѕвезда од серијата „Slow Horses“.

61

Трката за новиот Џејмс Бонд доби нов пресврт откако британскиот водител и писател Ричард Осман го спомена Џек Лоуден како актер за кого, според неговите информации, сериозно се размислува за легендарната улога.

Во подкастот „The Rest Is Entertainment“, Осман рече дека неодамна од сигурен извор слушнал кој би можел да биде следниот агент 007 – и го посочи токму 36-годишниот шкотски актер. Сепак, тој нагласи дека тоа не значи оти Лоуден веќе ја добил улогата.






– Името што јас го слушнав е Џек Лоуден – рекол Осман, додавајќи дека актерот дефинитивно е меѓу оние за кои многу сериозно се размислува. Неговата колешка од подкастот, Марина Хајд, се согласила дека Лоуден е во одлични години за да го преземе ликот, додека Осман смета дека има „вистинска енергија“ за Бонд, споредувајќи го со Даниел Крег. Веста веднаш привлече внимание бидејќи идентитетот на новиот 007 сè уште официјално не е објавен.

Лоуден на пошироката публика ѝ е најпознат како Ривер Картрајт во хит-серијата „Slow Horses“. Има настапувано и во филмовите „Dunkirk“ и „Mary Queen of Scots“, како и во телевизиската адаптација на „Wolf Hall“. Кон крајот на годинава треба да го гледаме и како господинот Дарси во новата серија „Pride and Prejudice“ на „Netflix“, што дополнително би можело да ја зголеми неговата препознатливост.

Во меѓувреме, Лоуден не е единственото име што се поврзува со улогата. Во последните месеци меѓу најчесто споменуваните кандидати беа Џејкоб Елорди и Калум Тарнер, додека како фаворити на публиката се издвојуваат и Том Харди и Хенри Кавил. Сепак, овие имиња се дел од шпекулациите и обложувањата, а ниту едно од нив не е официјално потврдено како избор на продукцијата.

Она што е официјално е дека потрагата по наследникот на Даниел Крег веќе започна. „Amazon MGM Studios“ во мај потврди дека процесот на кастинг е во тек, а за изборот на актерот е ангажирана познатата кастинг-директорка Нина Голд. Новиот филм ќе го режира Денис Вилнев, познат по „Dune“, додека сценариото го пишува Стивен Најт, авторот на „Peaky Blinders“.

Крег го одигра Бонд во пет филмови, почнувајќи со „Casino Royale“ во 2006 година, а последен пат се појави како агентот 007 во „No Time to Die“ од 2021 година. Новиот филм би требало да пристигне во кината во 2028 година, а според актуелните информации, името на наследникот би можело да биде објавено до крајот на оваа година.

Поврзани содржини