🎥 АНЃА МАРИЌ ОТВОРЕНО ЗА ЗАВИСНОСТА НА СВОЈОТ СИН „Мојот син не е јавна личност, има 22 години, неговиот живот не е реално шоу“
Хрватската пејачка и мотивациска говорничка проговори за најтешкиот период во својот живот, откако нејзиниот 22-годишен син, инаку, зависник од алкохол, беше осуден поради напад врз странски доставувачи во Загреб.
Случајот што ја потресе хрватската и регионалната јавност доби судски епилог, синот на Анѓа Мариќ, хрватска пејачка, писателка и мотивациски говорник беше осуден за напад врз странски работници. Пресудата ги врати во фокусот емотивните признанија на пејачката за неговата долгогодишна борба со алкохолизмот.
По неколкумесечна тишина, Анѓа Мариќ повторно се огласи на социјалните мрежи објаснувајќи дека зад нејзиното повлекување стои еден од најтешките семејни периоди низ кои поминала. Но наместо поддршка за враќањето на работата што ја сака, повторно се соочила со медиумски написи поврзани со нејзиниот син.
– Постои разлика меѓу јавен интерес и навлегување во нечија болка – напиша Мариќ, нагласувајќи дека нејзиниот син не е јавна личност и дека неговите животни грешки не треба да завршуваат во насловите на порталите.
Нејзината реакција доаѓа само неколку дена откако нејзиниот 22-годишен син беше неправосилно осуден на две години и осум месеци затвор поради напад врз странски доставувачи во Загреб во декември минатата година.
Судот му одреди и задолжително лекување од зависност од алкохол.
View this post on Instagram
Случајот повторно го отвори прашањето за долгогодишната семејна драма за која Анѓа Мариќ и претходно зборуваше јавно. По апсењето на синот, таа шокираше со искрената исповед во која призна дека сама повикала полиција неколку месеци пред инцидентот, надевајќи се дека така ќе му помогне да добие третман.
– Мојот син е алкохоличар. Болен. Зависник. Не од дрога, туку од алкохол – напиша тогаш таа, откривајќи дека институциите не можеле да го принудат на лекување бидејќи самиот не сакал да прифати дека има проблем.
Во една од своите објави откри и дека синот ѝ признал оти проблемот со алкохолот започнал уште на 12-годишна возраст, што дополнително ја зголемило нејзината болка и чувството на вина како мајка. Сепак, подоцна сфатила дека не може да преземе одговорност за секоја одлука што ја носи нејзиното возрасно дете.
View this post on Instagram
Животната приказна на Анѓа Мариќ и претходно беше исполнета со тешки предизвици. Публиката најдобро ја памети како фронтменка на рок-групата Flare, со која во почетокот на 2000-тите освои Порин и настапуваше како предгрупа на светски познатите Duran Duran. Подоцна работеше како ТВ-водителка, авторка и колумнистка, а во последните години е позната и по својата отворена борба со мултиплекс склерозата, болест која сериозно го загрози нејзиното здравје, но и за долготрајната судска битка со поранешниот сопруг околу старателството над нивниот син.
Токму тие искуства ја насочија кон работа како мотивациски говорник и ментор, каде што често зборува за личниот раст, траумите и пронаоѓањето сила во најтешките животни моменти.
Во најновата објава таа призна дека негативните коментари ја натерале да се посомнева во себе и во својата работа како ментор.
– Не постои совршен родител. Не постои совршен тренер. Не постои совршен живот – порача таа.
Според неа, социјалните мрежи создаваат илузија дека луѓето ги споделуваат своите борби дури откако ќе ги победат, па затоа многумина мислат дека се единствените кои се распаѓаат додека минуваат низ криза.
– Не им помагам на луѓето затоа што мојот живот е совршен. Им помагам затоа што научив како да го пронајдам патот низ темнината – напиша Мариќ.
На крајот, наместо лутина, таа вели дека чувствува тага што општеството сè почесто ја губи границата меѓу правото на информирање и правото на приватност.
– Се надевам дека еден ден ќе бидеме подобро општество. Општество што ќе знае дека емпатијата не е слабост и дека постојат граници кои ниту насловните страници ниту кликовите не би смееле да ги преминат – порача таа.