ПОВТОРНО НОРМАЛИЗИРАН СООБРАЌАЈОТ КОН ГРЦИЈА Заврши протестот на грчките цариници

По завршувањето на четиричасовниот штрајк на грчките цариници, сообраќајот на граничните премини со Грција се одвива нормално, а чекањата се минимални.

159

Сообраќајот на граничните премини меѓу Македонија и Грција е нормализиран по завршувањето на денешниот штрајк на грчките цариници, а на преминот „Дојран“ се чека околу 15 минути за влез од македонска страна и околу 30 минути за влез во Грција.

Од Граничниот премин „Дојран“ информираат дека штрајкот, кој траеше од 5:00 до 9:00 часот по македонско време, не предизвикал поголеми проблеми во сообраќајот, бидејќи граѓаните биле навремено информирани и ги одложиле своите патувања.






– Немавме зголемена фреквенција на сообраќај во периодот од 5:00 до 9:00 часот. Очигледно граѓаните беа информирани, па почнаа да пристигнуваат по 9:00 часот. Во тој период возилата периодично се пропуштаа од грчка страна – изјавија за МИА од ГП „Дојран“.

Од Министерството за внатрешни работи, исто така, информираат дека нема поголеми застои на трите гранични премини со Грција и дека бројот на патници кои влегуваат и излегуваат од државата е во вообичаени рамки.

Според податоците на МВР, на граничниот премин „Дојран“, од вчера до денеска напладне, во државата влегле 1.523 македонски државјани, а излегле 210. Во истиот период, влез оствариле 1.386 странски државјани, додека 1.824 ја напуштиле државата.

На граничниот премин „Богородица“, во истиот период, влегле 4.511 македонски државјани, а излегле 3.953. Кај странските државјани, 7.462 влегле во државата, а 8.154 ја напуштиле.

Денешниот штрајк ги опфати трите гранични премини меѓу Македонија и Грција – Евзони (Богородица), Дојрани (Дојран) и Ники (Меџитлија). За време на штрајкот, патничките возила беа пропуштани периодично, додека товарниот сообраќај беше целосно во прекин за влез и излез од Грција.

Поврзани содржини