ОСМАНИ Е ПОСЛЕДНИОТ КОЈ ИМА ПРАВО ДА ДЕЛИ ЛЕКЦИИ ЗА ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА Министерот Муцунски му одговори на својот претходник

Политичката меморија на граѓаните не е кратка и тие многу добро знаат кој ја доведе државата во ваква ситуација, а кој сега неуспешно се обидува да избега од сопствената одговорност – вели министерот Муцунски.

93

Тимчо Муцунски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, му реплицираше на поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, велејќи дека тој е последниот човек кој има право да држи лекции за тоа што е прифатено, а што не во преговарачкиот процес.

Во објава на својот профил на Фејсбук Муцунски нагласи дека Османи многу добро знае што точно преговарал, што сè прифатил и во каква незавидна позиција ја оставил државата, воедно порачувајќи му да не троши енергија на извртување факти и толкување туѓи изјави.






„За разлика од неговите спинови, позицијата на оваа Влада е јасна и непроменета од првиот ден. Повеќе од две години слушаме обвинувања дека ќе попуштиме, ќе се откажеме и ќе прифатиме сè што претходно било договорено. Наместо тоа, со дела покажавме доследност, принципиелност и јасна заштита на македонските национални интереси. Тоа денес е јасно и дома и кај нашите меѓународни партнери“, напиша Муцунски.

Во однос на политичкиот легитимитет, Муцунски напиша оти политичар кој не успеал да ја добие довербата ниту од своите најблиски сограѓани во Чаир, ниту од своите соседи кои најдобро го познаваат, по таков пораз би требало да покаже доблест, политичка одговорност и да се повлече од сцената, наместо да продолжува да дели лекции во јавноста.

Министерот рече и оти политичката меморија на граѓаните не е кратка и оти тие многу добро знаат кој ја доведе државата во ваква ситуација, а кој сега неуспешно се обидува да избега од сопствената одговорност.

Вчера, поранешниот минисер за надворешни работи, Бујар Османи реагираше на изјавата на Муцунски дека според него, и како министер, и како правник, протоколите, односно записниците од разговорите, не се дел од Преговарачката рамка.

„Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам, повторувам. Еден чекор поминат – Протоколот не е дел од рамката. Продолжуваме понатаму…“, напиша вчера Османи.

Поврзани содржини