ДУИ ГО РЕДЕФИНИРА СВОЈОТ НАРАТИВ ЗА ДА МУ СЕ ПРИБЛИЖИ НА МИЦКОСКИ? Грчка анализа гледа подлабока заднина во истакнувањето македонско знаме во кабинетот на Ахмети
Потегот на Ахмети сугерира дека политичката конкуренција во рамките на албанскиот политички блок во Северна Македонија постепено се префрла од потрага по етничка застапеност кон потрага по институционален кредибилитет и управувачки капацитет – пишува грчката агенција ИБНА.
Грчката независна новинска и аналитичка мрежа ИБНА (Independent Balkan News Agency) го анализира неодамнешното поставувањето на македонското државно знаме во канцеларите на лидерот на ДУИ Али Ахмети во Мала Речица и укажува дека одлуката е многу повеќе од симболичен протоколарен гест.
ИБНА која известува за политички, економски и геополитички случувања на Балканот, во Југоисточна Европа, Источниот Медитеран и Блискиот Исток и работи на повеќе јазици има уредничка независност и формално не е поврзана со политички партии или влади, но важи за аналитички центар кој внимателно ги следи процесите кои се критични за грчката држава и за регионот.
ИБНА во анализата говори за сотојбите во Македонија, но индиректно испраќа порака до грчките институции дека во Македонија се менуваат работите кои може да имаат влијание и кај јужниот сосед.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се сретна со австрискиот амбасадор Мартин Памер во седиштето на партијата во Тетово, при што знамињата на Македонија, Европската Унија и Албанија беа истакнати во канцеларијата.
ИБНА во својата анализа забележува дека тоа не се случило во последнве 24 години, и покрај укажувањата на бројни дипломати во таа насока.
„Одлуката на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, да го истакне националното знаме на Македонија во својата канцеларија за прв пат во последните 24 години, е многу повеќе од симболичен протоколарен гест.
Во време кога партијата се соочува со својот најсериозен политички предизвик во последните години од коалицијата на етничките Албанци ВЛЕН, потегот носи јасна политичка порака. Тој го одразува напорот на ДУИ да ја редефинира својата улога како политичка сила што ја поврзува политичката застапеност на Албанците со функционирањето на самата држава, наместо да се фокусира исклучиво на одбраната на албанскиот национален идентитет.
ДУИ сега се соочува со нова политичка реалност во рамките на албанскиот политички пејзаж во Северна Македонија. Подемот на ВЛЕН и губењето на клучните локални упоришта ја еродираа политичката доминација што партијата ја одржуваше повеќе од две децении.
Во исто време, премиерот Христијан Мицкоски избра да формира владина коалиција со ВЛЕН, наместо со ДУИ, преобликувајќи го балансот на застапеноста на Албанците во рамките на управните институции на земјата.
Во оваа позадина, прифаќањето на посилниот државен симболизам од страна на Ахмети претставува обид за редефинирање на неговиот политички наратив. Од своето основање по Охридскиот рамковен договор, ДУИ ја комбинираше одбраната на колективните права на Албанците со учество во управувањето со Македонија.
Со јавно прикажување на националното знаме, партијата се обидува да го зајакне својот аргумент дека политичкото учество на Албанците е составен дел од функционирањето на државата, а не паралелна или конкурентска политичка реалност.
Потегот на Ахмети сугерира дека политичката конкуренција во рамките на албанскиот политички блок во Северна Македонија постепено се префрла од потрага по етничка застапеност кон потрага по институционален кредибилитет и управувачки капацитет. Присуството на националното знаме во канцеларијата на лидерот на ДУИ, само по себе, веројатно нема да ја промени политичката рамнотежа во земјата.
Сепак, тоа укажува на поширока трансформација: повеќе од две децении по Охридскиот рамковен договор, политичкиот систем на Македонија влегува во нова фаза во која конкуренцијата меѓу албанските политички партии сè повеќе се фокусира на институционалниот кредибилитет и нивната способност за управување.
Одлуката на Али Ахмети да го истакне националното знаме на Македонија го одразува напорот на ДУИ да се репозиционира како политичка сила центрирана на институционалното управување во време на интензивна политичка конкуренција. Потегот илустрира пошироко поместување во политичката конкуренција од етнички симболизам кон потрага по институционален кредибилитет“ – пишува меѓудругото во анализата на ИБНА.