ИЗВОЗОТ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ ДОСТИГНАЛ 417 МИЛИОНИ ЕВРА Остварен е суфицит од 215 милиони евра
Повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека производството на кравјо млеко се зголемило за 2,7%, а производството на овчо млеко за 4%.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека во изминатите две години се смениле состојбите во земјоделството, при што, според партијата, биле надминати дел од проблемите со неисплатените субвенции, заостанатите плати и блокираните проекти.
Од партијата наведуваат дека при преземањето на власта затекнале институции во застој, нерешени предмети и обврски од периодот од 2020 до 2024 година. Според соопштението, производителите на млеко чекале исплата на субвенции за период од 17 месеци, додека повеќе од 1.600 вработени во ЈП „Национални шуми“ и АД „Водостопанство“ над четири месеци биле без плата, здравствено и пензиско осигурување.
ВМРО-ДПМНЕ посочува дека во 2025 година извозот на земјоделски производи и преработки достигнал 417 милиони евра, при што бил остварен суфицит од 215 милиони евра.
Повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика, од партијата наведуваат дека производството на кравјо млеко се зголемило за 2,7 проценти, а производството на овчо млеко за 4 проценти. Раст, според соопштението, има и кај производството на свинско месо, со кое целосно се задоволуваат потребите на домашниот пазар.
Минатата година, како што се наведува, биле произведени и откупени околу 300.000 тони пченица, количество кое, според ВМРО-ДПМНЕ, е доволно за домашните потреби.
Од партијата тврдат дека од преземањето на власта досега биле исплатени повеќе од 15 милијарди денари субвенции, од кои околу четири милијарди денари биле заостанати обврски исплатени во првите месеци од мандатот.
Субвенциите во сточарството, според соопштението, биле зголемени за 50 проценти, а било укинато и двојното пријавување, со што, како што наведуваат од партијата, околу 7.000 земјоделци не останале без финансиска поддршка.
Во делот на откупот, ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека цената на тутунот за прва класа се зголемила на 400 денари за килограм. Била донесена и методологија за пресметување на производната цена на винското грозје, што, според партијата, придонело за зголемување на откупните цени за лозарите за 25 проценти.
За младите земјоделци биле одобрени 117 проекти со финансиска поддршка од 69 милиони денари.
Во рамките на мерките за модернизација на земјоделството биле склучени 57 договори во вредност од 34 милиони денари за набавка на специјални комбајни за ориз и мини-сушарници. Дополнително, биле склучени повеќе од 110 договори во вкупна вредност од 16,5 милиони денари за поддршка на локални саеми и манифестации.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека Владата ќе продолжи со мерките за поддршка на земјоделското производство, модернизација на секторот и подобрување на условите за земјоделците.