ПО ГВАРДИОЛА И АНЧЕЛОТИ, ИЗБОРОТ ПАДНА НА ПИРЛО Италија добива нов селектор

Новинарот Фабрицио Романо тврди дека Андреа Пирло постигнал устен договор со Фудбалската федерација на Италија и наскоро се очекува официјална потврда.

16

Легендата на италијанскиот фудбал Андреа Пирло ќе биде нов селектор на репрезентацијата на Италија, пренесуваат италијанските медиуми, повикувајќи се на информации објавени од познатиот фудбалски инсајдер Фабрицио Романо.

Според информациите, Пирло веќе постигнал устен договор со Фудбалската федерација на Италија, а во следните денови се очекува да биде потпишан и официјалниот договор.






Наводно, 47-годишниот стратег го прифатил проектот што го подготвиле Паоло Малдини и Леонардо, со кој треба да започне нов циклус на италијанската репрезентација.

Доколку договорот биде официјализиран, ова ќе биде најголемиот предизвик во тренерската кариера на Пирло.

Како фудбалер, тој е еден од симболите на италијанскиот фудбал и беше дел од генерацијата што во 2006 година ја освои светската титула на Мундијалот во Германија.

Во тренерската кариера досега ги предводеше Јувентус, турскиот Карагумрук и Сампдорија.

Главната задача на Пирло ќе биде повторно да ја направи Италија конкурентна на големите натпреварувања и да обезбеди континуитет на настапите на светските и европските првенства.

Според италијанските медиуми, Фудбалската федерација на Италија претходно размислувала за ангажман на Пеп Гвардиола или Карло Анчелоти, но не успеала да постигне договор со ниту еден од двајцата, по што изборот паднал на Пирло.

Поврзани содржини