СРЕД ЛЕТО ПАДНА СНЕГ НА ПЕЛИСТЕР Наглиот пад на температурите донесе зимска слика
Ниските температури и променливото време донесоа снег на врвот Пелистер, додека во Битола за само 24 часа температурата падна од 26 на 12 степени.
Од Јавната установа Национален парк „Пелистер“ информираа дека поради наглото заладување и ниските температури, дождот на највисоките делови од планината преминал во снег.
„Променливото време и ниската температура дождот го претворија во снег, со што Пелистер, како крал на планините во Македонија, и понатаму останува непредвидлив и моќен“, соопштија од ЈУ НП „Пелистер“.
Фотографијата од снежниот врв е направена од вработените на пунктот на Националната радиодифузија на врвот Пелистер.
Наглата временска промена се почувствува и во Битола. Додека вчера во 17 часот биле измерени 26 Целзиусови степени, денеска во истиот термин температурата изнесувала само 12 степени, односно за само едно деноноќие е забележан пад од 14 степени, а температурата продолжува да се намалува.