ГИ ЛАЖЕЛЕ ДЕКА ЌЕРКИТЕ ИМ СЕ ПОВРЕДЕНИ, ИМ ЗЕЛЕ ИЛЈАДНИЦИ ЕВРА И ЗЛАТО Двајца Македонци уапсени во Србија за измами во Врање и во Лесковац
Двајца државјани на Македонија се уапсени во Србија под сомнение дека со позната измамничка тактика им зеле пари и златен накит на две постари жени од Врање и од Лесковец.
Двајца Македонци измамиле две жени од Врање и Лесковец, убедувајќи ги дека нивните ќерки наводно се повредени и дека итно им се потребни пари за операции во странство. Двајцата се уапсени откако ги презеле парите. Од српското Министерство за внатрешни работи апелираат граѓаните веднаш да пријават секој ваков или сличен обид за измама.
По налог на Основното јавно обвинителство во Врање, против Р. Ш. (1977), државјанин на Македонија, ќе биде поднесена кривична пријава во редовна постапка поради сомнение дека сторил кривично дело измама.
Според сомненијата на полицијата, Р. Ш. вчера отишол до домот на 70-годишна жена во Врање и од неа презел поголема сума пари, откако претходно непознат маж телефонски ја контактирал, лажно претставувајќи се како лекар.
Тој ѝ рекол дека нејзината ќерка тешко се повредила во странство и дека парите итно се потребни за операција.
Иако жената случајот не го пријавила, полицијата со оперативна работа, во соработка со Регионалниот центар на граничната полиција кон Македонија, го запрела Р. Ш. во текот на ноќта на граничен премин.
При претрес на автомобилот со кој управувал биле пронајдени поголема сума пари во динари и евра.
Во Лесковец, исто така со брза акција на полицијата, бил уапсен С. Г. (1995) од Македонија, осомничен дека на 23 јули измамил 75-годишна жена.
Според наводите на полицијата, С. Г. ѝ кажал дека нејзината ќерка наводно доживеала сообраќајна несреќа и дека ѝ се потребни пари за операција, по што жената му предала 2.650 евра, 120.000 динари и златен накит.
Полицијата го пронашла осомничениот во непосредна близина на куќата на оштетената, а кај него биле пронајдени сите пари и накитот, кои биле одземени и вратени на сопственичката.
По налог на Основното јавно обвинителство во Лесковец, на С. Г. му е одреден притвор до 48 часа, по што со кривична пријава ќе биде приведен кај јавен обвинител.
Полициските управи во Врање и во Лесковец апелираат до граѓаните, особено до постарите лица, да не наседнуваат на телефонски повици во кои непознати лица бараат пари под изговор дека член од семејството е повреден или дека му е потребна итна операција.
Граѓаните се советуваат ваквите информации најпрво да ги проверат со членовите на семејството, а секој обид за измама веднаш да го пријават во полиција на бројот 192.