📷 БЕЛА ПЕНА ГО ПОКРИ ЛЕПЕНЕЦ Непозната материја се влева во Вардар, инспекциите на терен
Инспекциските служби на Град Скопје и Министерството за животна средина се на терен, а ЈП „Водовод и канализација“ зема примероци од водата за да утврди за каква материја станува збор.
Град Скопје и инспекциските служби на Министерството за животна средина започнаа итна истрага откако била пријавена непозната материја која од реката Лепенец се влевала во Вардар. На терен веднаш биле испратени инспектори, а во акцијата е вклучен и дрон за да се открие изворот на загадувањето.
Фотографиите од местото на настанот покажуваат дека површината на реката е покриена со голема количина бела пенлива материја, која се движи по течението. Засега не е познато за каква супстанција станува збор, а тоа треба да го утврдат лабораториските анализи на примероците што ги земаа надлежните служби.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека пријавата до Градот пристигнала пред околу час и половина, по што веднаш биле активирани сите надлежни служби.
– Нашите инспекциски служби веднаш излегоа на терен, а дополнително ги контактиравме и инспекциските служби на Министерството за животна средина, кои исто така веднаш излегоа на терен – вели Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека инспекциските служби на Град Скопје ангажирале и дрон за детектирање на можниот загадувач, додека екипи на ЈП „Водовод и канализација“ земале примероци од водата за лабораториска анализа со цел да се утврди за каква материја станува збор.
– Во комуникација сме со Министерството за животна средина и министерот и верувам дека за брзо време ќе биде откриен причинителот на оваа појава и соодветно санкциониран. Толеранција нема да има за никого! – порача градоначалникот.
Тој најави дека јавноста ќе биде дополнително информирана веднаш штом надлежното Министерство ги утврди околностите и причините за загадувањето.