ЦИСТЕРНИ ОД ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА ПРИСТИГНУВААТ ВО ГОСТИВАР Обезбедени вода за пиење и техничка вода

Во Гостивар продолжува акцијата за справување со проблемот со водоснабдувањето. Доставени се големи количества вода, а на терен се ангажирани цистерни од повеќе општини и од Армијата.

124

Првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, информираше дека во Гостивар во текот на вчерашниот и денешниот ден се доставени 200.000 литри пакувана вода за пиење, како помош за граѓаните поради проблемот со загадувањето на водоводниот систем.

На прес-конференцијата по состанокот на кризниот штаб во Гостивар, Ангелов посочи дека водата е обезбедена преку донации од Министерството за локална самоуправа и Општина Неготино.






Тој нагласи дека паралелно со обезбедувањето вода за пиење, се работи и на обезбедување доволни количества техничка вода за потребите на граѓаните и институциите.

– По потреба можеме да обезбедиме дополнителни количества флаширана вода, онолку колку што е неопходно граѓаните на Гостивар да имаат доволно вода за пиење. Денеска до жителите на Општина Гостивар е доставена повеќе од 100 тони техничка вода – рече Ангелов.

Тој информираше дека за надминување на состојбата се ангажирани 13 цистерни за вода и еден камион со резервоар.

– Во моментов во Гостивар има осум цистерни, а уште пет пристигнуваат во секој момент, заедно со камионот со резервоар – додаде Ангелов.

Според него, цистерните се распоредени на повеќе локации:

Општа болница Гостивар – цистерна со 5,5 тони техничка вода,

Здравствен дом Гостивар – цистерна со 2 тони техничка вода,

Детска градинка – цистерна со 8 тони техничка вода,

ОВР Гостивар – цистерна со 6 тони техничка вода.

Ангелов најави дека дополнителна помош ќе пристигне и од други општини и од Армијата.

За Гостивар се обезбедени:

Неготино – една цистерна од 6 тони,

Кавадарци – една цистерна од 6 тони,

Армијата на Македонија – две цистерни (10 и 6 тони),

Дебар – една цистерна од 2 тони со можност за транспорт на вода за пиење,

Тетово – една цистерна од 9 тони,

Струга – една цистерна од 12 тони,

Охрид – една цистерна од 6 тони,

Скопје – една цистерна од 10 тони,

Кичево – еден камион со резервоар од 3 тони

– Овие цистерни, во договор со локалната самоуправа, се распоредуваат таму каде што е најпотребно. Водата за цистерните се полни од околните извори заради заштеда на време, што овозможува нивно повеќекратно полнење и празнење во текот на денот – рече Ангелов.

Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, посочи дека на состанокот на кризниот штаб биле донесени препораки и заклучоци за понатамошно справување со состојбата.

Тој информираше дека ЈП „Комуналец“ – Гостивар, во соработка со експертскиот тим од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, веќе започнало активности за што поскоро обезбедување техничка вода за граѓаните, а потоа и вода за пиење.

– Сакам да им се заблагодарам на сите општини, колегите градоначалници, општествено одговорните компании, но и на централната власт за целата организација и поддршка, со цел што побрзо да се нормализира состојбата во Општина Гостивар – рече Лимани.

На прес-конференцијата се обрати и потпретседателот на ЗЕЛС, Изет Меџити, кој порача дека помошта за Гостивар е надвор од политички, етнички или други поделби.

– Тука сум со искрен, човечки пристап, целосно надвор од партиските, етничките, верските или кои било други определби. И централната власт, и локалната власт, но и самите општини веднаш реагираа. Сите придонесуваат на свој начин за нормализирање на состојбата и за граѓаните што побрзо да добијат чиста вода за пиење – рече Меџити.

Тој изрази благодарност до сите што помагаат, дел со техничка вода, дел со вода за пиење, а дел со професионални услуги и експертиза.

Поврзани содржини