МАСОВНА ТЕПАЧКА ВО АВИОН НА 10.000 МЕТРИ Пилотот принудно го врати леталото, полицијата ги приведе учесниците

Околу десет патници учествувале во инцидентот, поради што капетанот решил авионот да се врати на аеродромот Тенерифе Југ, каде полицијата ги привела осомничените.

142

Вистински хаос се случил на лет на авиокомпанијата „Изиџет“ (EasyJet) од Тенерифе во Шпанија до Ливерпул во Англија, кога избила масовна тепачка меѓу патници, поради што авионот морал принудно да се врати на аеродромот од кој полетал.

Според британскиот „Индипендент“, во инцидентот учествувале околу десет патници, а капетанот, по проценка дека безбедноста на останатите патници и екипажот е сериозно загрозена, донел одлука авионот да се врати на аеродромот Тенерифе Југ.






Леталото принудно слетало околу два часа по полетувањето, по што полицијата, која чекала на пистата по барање на екипажот, ги привела лицата вмешани во тепачката.

Од авиокомпанијата „Изиџет“ официјално го потврдија инцидентот и соопштија дека летот продолжил кон Ливерпул со 168 патници, откако осомничените биле отстранети од авионот.

„Ваквите инциденти ги сфаќаме многу сериозно и не толерираме несоодветно однесување кон нашиот персонал. Нашиот кабински и земски персонал е обучен да ги процени сите ситуации и да реагира брзо и соодветно, за безбедноста на летот и на патниците во ниту еден момент да не биде доведена во прашање“, се наведува во соопштението на авиокомпанијата.

Засега не се соопштени информации дали во инцидентот има повредени лица, ниту што ја предизвикало тепачката.

Поврзани содржини