ГЕРМАНИЈА НЕ РАЗВИВА НУКЛЕАРНА БОМБА Берлин ги демантира тврдењата на Москва

Германската влада ги смета руските тврдења за дел од вообичаената руска пропаганда, изјави портпарол на германската влада.

62

Германија денеска остро ги отфрли руските тврдења дека тајно спроведува истражувања поврзани со развој на нуклеарно оружје.

– Германската влада оваа изјава ја смета за дел од вообичаената руска пропаганда – изјави заменик-владиниот портпарол Штефен Мајер на прес-конференција во Берлин.






Според германските власти, кругови блиски до руските разузнавачки служби преку комуникациски платформи ја ширеле информацијата дека Германија спроведува истражувања за нуклеарно оружје.

– Русија овде ја злоупотребува загриженоста поврзана со нуклеарното оружје, загриженост што самата таа повеќепати ја поттикнуваше со неодговорни изјави – рече Мајер.

Тој оцени дека Москва се обидува, прво, да внесе раздор меѓу НАТО и Европската Унија, второ, да ја дискредитира Германија како најсилен поддржувач на Украина и, трето, да поттикне стравувања од нова трка во нуклеарното вооружување.

Мајер посочи дека станува збор за дел од руска кампања на дезинформации во пресрет на важните регионални избори во Германија.

– Фактот што токму Германија е цел на вакви дезинформации веројатно е поврзан и со нашата внатрешнополитичка ситуација пред изборите – рече тој.

Претставникот на германската влада повтори дека „Германија нема намера да развива сопствено национално нуклеарно оружје“.

Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) деновиве изнесе едно од најтешките обвинувања против Берлин во последните години, тврдејќи дека Германија се обидува да добие директен пристап до нуклеарно оружје и веќе ја развива научната, индустриската и воената база потребна за таков потег.

СВР наведе дека загриженоста за германските активности не постои само во Москва, туку и во една од клучните членки на НАТО, чие име руската служба не го откри. Службата тврди дека надлежните министерства на важна земја од НАТО внимателно ги следат германските истражувања во областите на специјализирана наука за материјали, физика на ударни бранови, нуклеарна и неутронска физика.

Руската разузнавачка служба не објави документи, пресретнати комуникации, фотографии од објекти или други докази што би потврдиле дека Берлин навистина води тајна воена нуклеарна програма.

Според соопштението, германските универзитети, истражувачките реактори и големите воени концерни работат во области што можат да имаат директна примена во изградбата на нуклеарна експлозивна направа. Според СВР, 30 германски универзитети и научни институции се вклучени во вакви програми. Руската служба наведе дека се спроведуваат практични експерименти во шесте истражувачки реактори што работат во рамките на истражувачките центри, но не објасни кои специфични проекти одат надвор од опсегот на цивилното истражување и влегуваат во областа на непосредна подготовка на нуклеарно оружје.

Најдраматичниот дел од објавата се однесува на проценка на експертите на НАТО, според која Германија би можела самостојно да го произведе потребниот фисионен материјал во рок од еден до три месеци. Според руската служба, Берлин би можел да изгради функционална нуклеарна експлозивна направа во рок од една година, дури и без целосен нуклеарен тест.

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, во 2025 година зборуваше за Германија како класичен пример за земја која, доколку донесе политичка одлука, би можела да направи нуклеарно оружје за само неколку месеци. Гроси тогаш нагласи дека ова е хипотетичка способност, а не доказ дека Берлин веќе спроведува таква програма.

Германија е членка на Договорот за неширење на нуклеарно оружје и официјално повторува дека нема намера да развива национална атомска бомба.

Поврзани содржини