ЕПИДЕМИЈАТА ПОЧНУВА ДА СТИВНУВА Клековски со охрабрувачки информации од Гостивар

Министерот за здравство соопшти дека бројот на нови пациенти е преполовен во однос на врвот на епидемијата, а анализите досега не покажуваат случаи на хепатитис.

61

Бројот на граѓани кои бараат лекарска помош поради стомачни тегоби во Гостивар значително се намалува, а засега нема нови зарази со хепатитис, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски по посетата на Општата болница во Гостивар.

Според него, последните податоци покажуваат дека бројот на новопрегледани пациенти е преполовен во споредба со саботата, кога беше регистриран врвот на епидемијата.






– Според последниот извештај имаме преполовување на бројот на нови прегледи, односно 293 нови случаи. Претпоставка е дека препорачаните мерки за населението, како и исклучувањето на сомнителните извори, го даваат посакуваниот резултат – изјави Клековски.

Министерот им се заблагодари на граѓаните за соработката со здравствените власти и информира дека досега се изготвени околу 500 извештаи за заразни заболувања и 192 епидемиолошки анкети, кои ќе помогнат за утврдување на точната хронологија на настаните.

Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје земал нови примероци од водата на девет различни локации, меѓу кои чешми, градинки, Општата болница, верски објекти и домови каде има повеќе заболени лица.

– Прелиминарните резултати од анализите се очекуваат утре и тие ќе влијаат врз понатамошните препораки за населението. До тогаш остануваат во сила препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство – рече Клековски.

Тој додаде дека по разговорите со раководството на гостиварската болница е договорено дополнување на резервите со лекови и суплементи, кое ќе биде реализирано во текот на денешниот и утрешниот ден.

Во однос на евентуалната одговорност за загадувањето на водата, Клековски нагласи дека ќе бидат анализирани сите извештаи и контроли што биле спроведувани во претходниот период.

– Јавното комунално претпријатие има законска обврска за секојдневна контрола на квалитетот на водата. Сите тие податоци ќе бидат предмет на детална анализа. Не можеме однапред да носиме заклучоци пред да заврши постапката – истакна министерот.

Најважната информација, според Клековски, е дека досега не е потврден ниту еден случај на хепатитис кај заболените.

– Во моментот нема ниту еден пациент со хепатитис, тоа можам да го потврдам. Сепак, сите заболени ќе бидат епидемиолошки следени и во наредниот период – порача министерот.

Поврзани содржини