ШЕСТ ЛИЦА ПРИМЕНИ ВО БОЛНИЦА ПО НЕВРЕМЕТО, ТРОЈЦА ПУШТЕНИ ДОМА Паднатите дрвја, лим и ќерамиди повредуваа луѓе

Во Клиниката „Св. Наум Охридски“ биле примени лица со посекотини и набиеници. Директорот д-р Небојша Настов вели дека сите се во стабилна состојба.

384

Шест лица повредени во силното невреме што попладнево го зафати Скопје биле примени на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, информира директорот на установата, д-р Небојша Настов.

Повредените се здобиле со посекотини и набиеници и сите биле третирани амбулантски.






– Тројца од повредените по прегледот се пуштени на домашно лекување, додека тројца се во фаза на дополнителни испитувања. Сите се во стабилна состојба и првично не оддаваат впечаток дека ќе биде потребна хоспитализација – изјави д-р Настов.

Според него, еден од пациентите бил повреден откако врз него паднале гранки од дрво, друг се здобил со повреди од лим кој бил откорнат од покрив, додека третото лице било повредено од паднати керамиди.

Надлежните и понатаму апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење покрај оштетени објекти и дрвја и да ги следат препораките на институциите додека трае расчистувањето на последиците од невремето.

Поврзани содржини