ПОЧНА СПАСУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИУМОТ По години протекување, конечно се преземаат мерки

Челичната конструкција треба да го запре навлегувањето вода во споменикот, кој е прогласен за културно добро во опасност.

463

Со поставување челична конструкција над галериите со витражи и стакла почна превентивната заштита на Македониумот во Крушево, во кој со години навлегува вода. Работите се изведуваат под стручен надзор на Завод и музеј – Прилеп и треба да завршат до крајот на месецот.

Мерката се презема поради долгогодишното протекување на споменикот, кој во ноември 2025 година беше прогласен за културно добро во опасност.






– Со цел да се заштитат галериите со витражи, кои имаат големи оштетувања, како и стаклените галерии, на лице место се монтира челична конструкција што веќе е изработена. Таа е направена од кутиести профили со различни димензии и ќе биде поставена на сите осум галерии – четири со витражи и четири со стакло, од надворешната страна на првото и второто ниво на споменикот. Над конструкцијата ќе биде поставен лексан со дебелина од 16 милиметри, со што ќе се спречи навлегувањето на вода во Македониумот – изјави Сузана Грибовска, советник-конзерватор и архитект во Завод и музеј – Прилеп.

Инвестицијата е вредна 5,5 милиони денари, а работите треба да завршат пред 2 Август – Илинден.

Во текот на годинава ќе започнат и истражувањата, како и изработката на основниот проект за целосна конзервација на Македониумот, кој е изграден во 1974 година.

– Превентивната заштита ги опфаќа четирите витражни и четирите стаклени галерии, со цел да се запре протекувањето на водата, кое претставува најголема закана за споменикот. Во тек е изработката на основниот проект за конзервација и реставрација, кој ќе ги опфати статиката, градежните работи, замената на витражните стакла и санацијата на внатрешната метална конструкција – изјави директорката на Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска.

Во пресрет на Илинден се расчистува и просторот околу споменикот.

– Годинава првпат механизирано го расчистуваме просторот околу Македониумот во пресрет на големиот празник. Посетители постојано доаѓаат, а сите ги покануваме и за Илинден да го посетат Крушево – рече Миха Оџаклиески, директор на Историскиот музеј – Крушево.

Споменикот Илинден – Македониум, кој е еден од најпрепознатливите симболи на современата македонска архитектура, е дело на архитектите Искра и Јордан Грабул.

Поврзани содржини