ПОЧИНА НОВИНАРОТ КОЈ ЈА ОТВОРИ „ВОЈНАТА“ МЕЃУ ТРАМП И МЕЛОНИ Италија во шок по ненадејната смрт

Новинарот на „La7“ и претседател на Здружението на странски дописници во Белата куќа почина на 50-годишна возраст, само неколку недели по интервјуто со Доналд Трамп што предизвика дипломатски тензии меѓу Вашингтон и Рим.

432

Италијанскиот новинар Даниеле Компатанџело, кој неодамна со ексклузивно интервју со американскиот претседател Доналд Трамп предизвика политички судир меѓу Трамп и италијанската премиерка Џорџа Мелони, ненадејно почина на 50-годишна возраст по кратко боледување.

Компатанџело беше дописник на италијанската телевизија La7 од Вашингтон и претседател на Здружението на странски дописници во Белата куќа. Во последните месеци го привлече вниманието на светската јавност по интервјуто со Трамп, во кое американскиот претседател тврдеше дека италијанската премиерка Џорџа Мелони го „молела за заедничка фотографија“ за време на самитот на Г7.






Мелони веднаш ги отфрли овие тврдења, оценувајќи ги како „целосно измислени“, пренесува Euronews.

По нејзината реакција, Трамп повторно ја критикуваше италијанската премиерка, тврдејќи дека нејзината популарност опаѓа затоа што претходно одбила соработка со САД во однос на Иран, а сега, по американската воена победа, сакала повторно да ги подобри односите со Вашингтон.

 

– Италијанската премиерка Џорџа Мелони постојано бараше да се фотографира со мене за време на самитот на Г7 во Франција. Нејзината популарност во Италија опаѓа, веројатно затоа што ги оттурна Соединетите Американски Држави. Сега, откако САД воено го поразија Иран, повторно сака да бидеме пријатели за да си го подобри рејтингот. Не, благодарам – изјави тогаш Трамп.

Мелони возврати дека ниту таа, ниту Италија „никогаш не молат и не преколнуваат“, нагласувајќи дека ја има поддршката од граѓаните затоа што ги штити италијанските национални интереси и дека Италија останува суверена држава која ги почитува меѓународните договори.

Политичкиот спор дополнително се продлабочи откако италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани соопшти дека ја откажува планираната посета на Соединетите Американски Држави поради, како што наведе, навредливите изјави на Трамп кон италијанската премиерка.

Кариерата на Компатанџело беше тесно поврзана со Белата куќа, а неговото последно големо ексклузивно интервју со Трамп се смета за еден од најзначајните професионални успеси.

За време на престојот во САД редовно известуваше и анализираше теми од американската внатрешна и надворешна политика, вклучително и случувањата поврзани со конфликтот со Иран, потпирајќи се на широка мрежа извори во Белата куќа.

Во текот на својата 25-годишна кариера работеше за повеќе медиуми, меѓу кои Sky и Il Secolo XIX, а раководеше и со неколку значајни прес-служби.

Известуваше од осум летни и зимски Олимписки игри, почнувајќи од Сиднеј 2000 до Лондон 2012, комбинирајќи спортско новинарство со политички теми, документарни филмови и репортажи.

Даниеле Компатанџело е роден во Савона, пораснал во Торино, живеел во Рим, а подоцна трајно се преселил во САД, каде што стана еден од најпознатите италијански новинари специјализирани за следење на американската политика.

Поврзани содржини