ВО ГОСТИВАРСКИОТ ВОДОВОД БИЛА ПРИКЛУЧЕНА ВОДА ОД ОТВОРЕН КАНАЛ „Комуналец“ немал дозвола за приклучокот
Овој див приклучок воопшто не е во рамки на дозволата, не е ниту во санитарните, зашитини зони или во изворот, туку е далеку, на околу 800-900 метри од главниот цевковод што ги снабдува Гостивар и околните села со вода за пиење, вели директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска.
Дивиот приклучок поставен на гостиварскиот водовод не се наоѓал во заштитните санитарни зони, туку на околу 800 до 900 метри од последната точка опфатена со дозволата што ја имал „Комуналец – Гостивар“, рече денеска директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска на прес-конференција во Владата.
За овој приклучок што е предмет на истрагата за загадувањето на водата во Гостивар, не е доставено барање до Министерството за животна средина и прострона планирање (МЖСПП).
– Овој див приклучок воопшто не е во рамки на дозволата, надвор е од нејзиниот опсег, не е ниту во санитарните, зашитини зони или во изворот, туку е далеку, на околу 800-900 метри од главниот цевковод што ги снабдува Гостивар и околните села со вода за пиење. Предметното зафаќање вода за кое е информирана и јавноста, не е составен дел од дозволата, а водата што се зафаќа е од водно тело кое моментно гравитира во постојан отворен канал. За секоја измена на дозволата од МЖСПП што планира да ја направи некое комунално претрпијатие, вклучувајќи го и „Комуналец“ – Гостивар, прво треба да се поднесе барање до Управата за животна средина – Сектор води, кое потоа го разгледува и дава или не дава одобрение за измената. Во конкретниот случај се работи за цевковод што служи за вода за пиење, за исклучително санитарни услови. Точка 11 од дозволата вели дека, за секоја измена која ќе сака да ја направи операторот е должен да побара одобрение од МЖСПП, зашто министерот ја издава дозволата која е носечка за водоснабдувањето во градот. Такво барање до денес не е пристигнато во МЖСПП – рече Гиновска.
Таа додаде дека на 16 јули, по барање на ОЈО Гостивар, веднаш била издадена наредба за вонреден инспекциски надзор, кооридниран со крим полицијата, АХВ, Центарот за јавно здравје и „Комуналец“ – Гостивар. Од 19 до 23 часот се вршел увид и составен е записник што е доставен до ОЈО Гостивар.
– Државниот инспекторат за животна средина останува целосно на располагање на ОЈО и ќе продолжи да постапува согласно законските овластувања и надлежните органи – рече директорката.
Таа додаде дека Инспекторатот за животна средина нема надлежност за водата за пиење и за анализите и дека нема да коментира дополнителни околности додека трае постапката пред надлежното обвинителство.