ХРВАТСКА ГО ОЛЕСНУВА ПРОТОКОТ НА ГРАНИЦИТЕ Во период на големи гужви нема да се земаат биометриски податоци
На овој начин се очекува значително да се забрза обработката на возилата во деновите кога сообраќајниот притисок е најголем.
Хрватските власти најавија мерки за побрз проток на патници на граничните премини, со цел да се избегнат повеќечасовни задржувања во екот на туристичката сезона.
Министерот за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ, соопшти дека граничната полиција ќе може привремено да ги поедностави процедурите од новиот европски систем за евиденција на влез и излез (EES) во ситуации кога ќе се создадат големи колони.
Праг за применување пофлексибилен режим на контрола е очекувањето дека патниците ќе чекале повеќе од 45 минути за влез во земјата.
Тоа значи дека патниците и понатаму ќе бидат регистрирани во електронскиот систем, но во одредени случаи нема повторно да се земаат биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и скенирање на лицето. На овој начин се очекува значително да се забрза обработката на возилата во деновите кога сообраќајниот притисок е најголем.
Од хрватското Министерство за внатрешни работи нагласуваат дека станува збор за законски предвидена можност која ќе се користи само кога тоа ќе биде неопходно за нормално функционирање на граничните премини.
Истовремено, властите потенцираат дека ЕЕС останува клучен инструмент за контрола на надворешните граници на Европската Унија и за подобрување на безбедноста, а привремените олеснувања нема да влијаат врз неговата основна функција.
Според официјалните податоци, новиот систем веќе придонел за поефикасна размена на информации меѓу европските безбедносни служби, при што досега биле спречени околу 5.000 обиди за нелегален влез на територијата на Европската Унија.