ИМ РЕКЛЕ ДА ГРАБНАТ ШТО ПОВЕЌЕ ОД КРАЛСКИТЕ СКАПОЦЕНОСТИ Прва исповед на двајцата осомничени за филмскиот грабеж во Лувр

За првпат по апсењето, двајцата осомничени детално опишале како упаднале во галеријата Аполон, украле дел од француските крунски скапоцености и побегнале пред очите на туристите, но тврдат дека не знаат каде завршил накитот.

414

По неколкумесечен молк, двајца мажи осомничени за кражба на кралскиот накит детално ја опишаа својата улога во спектакуларниот грабеж за време на новите сослушувања во јуни. Тие тврдат дека биле ангажирани за работата со ветен хонорар кој се движел меѓу 15.000 и 25.000 евра.

Станува збор за двајцата главни осомничени за грабежот на музејот Лувр: 40-годишниот Абдулај Н., таксист без дозвола и поранешна интернет-сензација од 2000-тите, познат по видеата со акробации на мотор што ги снимал под прекарот „Doudou Cross Bitume“, и 36-годишниот Геламалах А., невработен Алжирец кој боледува од Диогенов синдром.






Овие семејни луѓе од северното париско предградие Обервил се осомничени дека на 19 октомври 2025 година упаднале во галеријата „Аполо“ и украле дел од францускиот кралски накит. Тие се искачиле на балконот на најголемиот музеј во светот со помош на товарна хидраулична платформа, а потоа, користејќи аголни брусилки, влегле во галеријата, полека се спуштиле во корпата на лифтот пред очите на туристите и побегнале со скутер. Биле уапсени седум дена подоцна, обвинети за организирана кражба, и оттогаш се наоѓаат во притвор.

На 2 и на 22 јуни, тие биле изведени од затворот на сослушување пред двајца истражни судии. За време на повеќечасовното испрашување, чии записници ги разгледа весникот „Le Monde“, тие за првпат детално ја опишаа својата улога во грабежот.

Некои од нивните изјави беа потврдени со докази од истрагата, додека некои од наводите делуваа неповрзано или неверодостојно. Дотогаш, за време на полицискиот притвор, тие дадоа само кратки и делумни признанија, а потоа молчеа речиси девет месеци пред истражните судии.

Мистериозниот организатор

Според нив, целата акција била смислена од мистериозен организатор чие име не сакале да го откријат. И двајцата тврдат дека биле ангажирани два или три дена пред грабежот и дека за време на подготовките добиле видеоснимка од внатрешноста на галеријата „Аполо“, на која се гледала колекцијата на кралски накит.

Задачата била едноставна.

„Скршете ги прозорците и земете го накитот од витрините“, рекол Абдулај Н., објаснувајќи дека бил избран поради своето криминално минато и репутацијата на мотоциклист во Обервил.

„Познат сум по возењето мотор, физички сум подготвен, снаодлив и полн со енергија“, рекол тој.

Тој додал дека имал сериозни финансиски проблеми и дека му биле ветени меѓу 15.000 и 20.000 евра, со можност за поголема заработка „во зависност од вредноста на пленот“. Смета дека целта на организаторите била исклучиво финансиска добивка преку препродажба на украдениот накит.

„Знаев дека ќе го ограбувам Лувр“, признал тој за првпат.

Геламалах А. тврди дека не му било кажано оти целта е Лувр, туку „една продавница за накит во Париз“.

„Да знаев дека е Лувр, никогаш немаше да стапнам таму“, рекол тој, додавајќи дека му биле ветени меѓу 20.000 и 25.000 евра.

Требало да изгледа како одржување

Утрото кога се случил грабежот, двајцата осомничени се сретнале во Обервил со уште двајца соучесници, чиј идентитет одбиваат да го откријат.

Со камион опремен со хидраулична платформа и придружувани од два мотоцикла, тие се упатиле кон центарот на Париз.

Откако стигнале до брегот на Сена, Абдулај Н., облечен во флуоресцентен елек, управувал со платформата.

„Ја кренав под балконот на галеријата. Додека бев во корпата, некој друг нè подигна нагоре. Двајца од нив останаа долу, а јас и Геламалах бевме горе“, рече тој.

Геламалах додава дека му било кажано оти сè ќе изгледа како рутинско одржување.

Три минути за кражба

Откако го скршиле прозорецот, влегле во галеријата со моторна пила и торба преку рамо.

„Внатре немаше никој. Беше темно, светеа само витрините. Во далечината видов обезбедување зад некои врати. Го скршив стаклото и го извадив она што беше внатре. Сум правел и полоши работи, само требаше да направам отвор“, рече Абдулај.

Бидејќи сметал дека неговиот соучесник премногу бавно ја крши витрината, тој му помогнал.

„Ни беше кажано да земеме што е можно повеќе скапоцености. Знаевме дека не смееме да се задржиме подолго од три минути, инаку ќе нè фатеа. ​​Според мене, останавме предолго“, рече тој.

Тие однеле осум парчиња накит – дијадеми, брошеви, ѓердани и обетки што им припаѓале на француските кралици и царици.

Со повеќе од 8.700 скапоцени камења, вредноста на пленот се проценува на рекордни 88 милиони евра, без да се смета неговата непроценлива историска вредност.

За време на бегството, од кај нив испаднала круната на царицата Евгенија, која била пронајдена под Лувр, во близина на платформата.

„Да, испадна од мојата торба“, призна Абдулај.

Покажувајќи му фотографија од тешко оштетената круна, судиите го соочиле со последиците од грабежот.

„Тоа што го направивме беше погрешно и многу сериозно… За среќа, немам самоубиствени намери, инаку ќе се убиев“, призна тој.

Пред да побегнат со два скутера, четворицата мажи го полиле камионот со бензин.

„Да ги отстраниме трагите. Не планиравме да го запалиме“, рече Абдулај.

Каде завршиле скапоценостите?

Откако ѝ избегале на полицијата за само неколку секунди, тие побегнале кон јужните предградија на Париз, каде што ги чекал бел „цитроен берлинго“, оставен таму уште во зората како возило за продолжување на бегството.

Потоа групата се разделила.

Геламалах А. и еден соучесник се качиле во комбе и добиле задача да ги замаскираат трагите.

„Беше важно да не се упатиме директно кон Обервил. Возев без одредена цел по обиколницата, а потоа и по автопатите А13 и А86“, изјави тој.

Поради ова, истражителите првично верувале дека накитот е скриен некаде во руралните предели или предаден на трето лице.

Сепак, според исказите на двајцата осомничени, Абдулај Н. го носел целиот плен.

Заедно со четвртиот член на групата, тој со скутер се упатил кон подземната гаража во Обервил.

„Таму владее хаос. Луѓето поправаат скутери и автомобили“, рече тој.

Во таа гаража, осветлена со неонски светла, тој вели дека целиот накит му го предал на организаторот на грабежот.

Снимките од безбедносните камери забележале маж со шлем – за кого истражителите веруваат дека е Абдулај Н. – како ракува со накитот само еден час по грабежот.

„Тие не се ангели“

„Ја извадив дијадемата од торбата“, рече Абдулај.

„Во торбата имав седум или осум парчиња накит. Организаторот не беше задоволен. Сметаше дека можевме да земеме повеќе. Изгубивме премногу време влегувајќи низ прозорецот“, додаде тој.

Абдулај тврди дека пред гаражата чекале други луѓе кои го зеле накитот, но дека не знае каде завршил тој подоцна.

И тој и Геламалах одбиле да го откријат идентитетот на организаторите, стравувајќи за себе и за своите семејства.

„Тие не се ангели“, рекол Геламалах.

Абдулај тврди дека никој директно не му се заканувал, но дека додека бил во притвор добивал пораки да молчи.

Неочекувано, двајцата сега тврдат дека главниот организатор лично учествувал во грабежот на Лувр, но инсистираат на тоа дека тој не е еден од двајцата други осомничени што полицијата веќе ги идентификувала – Слиман К. и Рашид Х.

„Уапсивте погрешни луѓе“, им рекол Абдулај на истражните судии.

Кога го прашале зошто не го открива името на организаторот, тој одговорил:

„Не можам да го кажам неговото име. Ќе има последици. Не сакам моето семејство да биде цел. Не знам дали би можел да живеам во Франција по тоа.“

Единственото што го откри е дека организаторот се викал „Зо“ и дека можеби е само посредник за уште помоќни шефови.

Две верзии за настанот

Истражителите сè уште се претпазливи во однос на постоењето на главен организатор. Досега не пронашле никакви физички или дигитални докази што би го потврдиле или негирале тоа тврдење.

Затоа, постојат две можни верзии за настанот. Според првата верзија, организаторот воопшто не постоел, а накитот сè уште е скриен некаде околу Париз и само четворицата уапсени знаат каде се наоѓа.

Според втората, постоеле организатор и посредници на кои пленот им бил предаден истиот ден за да биде продаден во странство.

Најголема загриженост предизвикува можноста кралскиот накит да е расклопен, а сафирите, дијамантите и смарагдите да се исечени и продадени како поединечни скапоцени камени.

„Ја признав мојата улога. Ги прифаќам последиците и се каам. Сè друго… не е во мои раце“, изјавил Абдулај на крајот од повеќечасовното сослушување.

Поврзани содржини