МИЦКОСКИ НАЈАВИ ПОНИСКИ АКЦИЗИ ЗА ГОРИВАТА Дизелот и бензините може да поскапат поради кризата на Блискиот Исток

Премиерот очекува раст на цените на горивата поради глобалните движења, но најавува државна интервенција преку намалување на акцизните давачки.

125

Премиерот Христијан Мицкоски очекува ново поскапување на горивата поради растот на цените на нафтата на светските пазари и зајакнувањето на доларот, но најави дека Владата ќе интервенира преку намалување на акцизите кај дизелот и безоловните горива.

Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Дебрца, посочи дека сè уште нема точна пресметка за можниот раст на цените, но дека движењата на светските пазари укажуваат на притисок врз крајната цена.






– Немаме правено калкулација за покачувањата, но ќе има секако, бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа изминатава недела, а и курсот на доларот е малку посилен во споредба со претходната недела – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Владата ја продолжила кризната состојба за уште три месеци, што овозможува користење на механизми за ублажување на ценовниот удар.

– Цените се такви што сигурно ќе имаме намалување на акцизите и кај дизелот и кај безоловните горива – рече премиерот.

Според него, причините за очекуваното поскапување се поврзани со состојбите на меѓународните пазари, особено со случувањата на Блискиот Исток, кои влијаат врз цената на суровата нафта.

Новите малопродажни цени на горивата ќе ги објави Регулаторната комисија за енергетика во понеделник, а тие ќе важат во следните седум дена.

Поврзани содржини