„ВРЕМЕ Е ЗА РЕД И ДИСЦИПЛИНА“ Димитриевски порача дека граѓаните бараат еднаквост пред законите

Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, од Охрид порача дека граѓаните очекуваат ред, еднаквост пред законот и функционални институции, а како партнер во Владата ЗНАМ, вели, работи на остварување на тие цели.

155

Граѓаните бараат систем на вредности, владеење на правото и еднаквост на сите пред законите, како и воспоставување ред и дисциплина во државата, порача денеска од Охрид лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.

Тој посочи дека токму поставувањето на таков систем е нешто што, според него, може да се реализира преку одговорно работење и посветеност на институциите.






– Граѓаните бараат систем на вредности, владеење на право и еднаквост на сите пред законот, ред и дисциплина. И, секако дека тој ред можеме да го поставиме – изјави Димитриевски.

Изјавата ја даде во рамки на караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, кој партијата го реализира низ повеќе градови во државата.

Димитриевски истакна дека заедно со коалициските партнери пред две години ја презеле одговорноста во Владата во, како што рече, многу тешка состојба, но дека денеска се забележуваат промени и придвижување.

– Додека доаѓав во Охрид, видов дека интензивно се работи на инфраструктурата, што не беше случај во минатото. Отворени се голем број инфраструктурни проекти и на општинско, и на регионално, и на државно ниво. Самата потврда за реализацијата на капиталните расходи во буџетот дополнително го потврдува тоа – рече лидерот на ЗНАМ.

Според него, развојот на државата може да се обезбеди единствено преку работа, користење на сопствените ресурси и со поддршка од надворешни партнери.

– Само со работа, посветени, со сопствените ресурси и помошта којашто доаѓа од надвор, ние можеме да обезбедиме еднакви можности за сите граѓани – додаде Димитриевски.

Тој посочи дека средбите со граѓаните се можност директно да разговараат за насоката во која се движи Македонија, улогата на ЗНАМ како партнер во власта, но и да ги слушнат критиките и предлозите од граѓаните.

– Секогаш може да се постигнат подобри резултати и затоа е важно да ги слушаме граѓаните – порача Димитриевски.

Говорејќи за учеството на ЗНАМ во Владата, тој потсети дека партијата со реконструкцијата презела одговорност во секторот земјоделство, кој го оцени како една од најзначајните стопански гранки во државата.

Димитриевски нагласи дека една од главните цели на ЗНАМ пред изборите била создавање услови за самоодржлива Македонија.

– Нашата цел пред изборите, во рамки на изборната програма, беше дека ќе работиме за самоодржливост и самоодржлива Македонија, и сметаме дека токму во овој ресор можеме да дадеме голем придонес – рече тој.

Според него, промената на ресорот била направена со цел поголем фокус на економски развој и директна поддршка на земјоделците.

– Излеговме од едно бирократско министерство, како што е Министерството за правда, каде што работата повеќе се гледа на хартија, и влеговме во едно министерство со многу одговорна личност која треба да го менаџира. Личност која доаѓа од земјоделско семејство, со цел да ги унапреди можностите на земјоделците во државата – истакна лидерот на ЗНАМ.

Тој додаде дека целта е Македонија да ги искористи сопствените потенцијали и граѓаните да имаат подобар живот во својата држава.

– Да ја придвижиме Македонија да биде своја на своето и да продолжи да чекори на европскиот пат достоинствено, како што треба, сè со цел граѓаните да живеат подобро во Македонија – рече Димитриевски.

Тој оцени дека граѓаните ќе ја дадат конечната оценка за работата на Владата и нејзините партнери на следните парламентарни избори, без разлика дали тие ќе бидат редовни или предвремени.

Поврзани содржини