📽️ „СТАРШИП“ ВООПШТО НЕ ПОЛЕТА, ПАДНАА И АКЦИИТЕ НА ИЛОН МАСК Еве зошто беше откажан најважниот лет на компанијата

„Спејс екс“ ја прекина 13. мисија на својата најмоќна ракета непосредно пред полетувањето. Станува збор за првиот тест по ИПО-то вредно 86 милијарди долари.

306

Компанијата „Спејс екс“ на познатиот милијардер Илон Маск го откажа лансирањето на ракетата „Старшип“ откако дел од моторите не се активирале непосредно пред полетувањето. Неуспешниот обид го одложи првиот лет на леталото, а на берзата акциите на компанијата паднаа за повеќе од шест проценти.

Ракетата требаше да полета од комплексот „Старбејс“ во јужен Тексас во својата 13. голема мисија. Мисијата требаше да биде прва по јуни, кога компанијата собра околу 86 милијарди долари преку иницијална јавна понуда. Претходно, класичното вложување во „Спејс екс“ не беше можно.






Иако акциите паднаа за повеќе од 6 проценти, аналитичарите и понатаму остануваат оптимисти за долгорочните планови на компанијата. Не е првпат да се појават проблеми при работата на уникатните ракети на Илон Маск.

Автоматскиот систем го запрел лансирањето

Но, засега не е позната точната причина за новиот неуспех. Во моментот кога требало да започне полетувањето, од лансирната кула се појавиле облаци чад, но ракетата останала на рампата.

Главниот извршен директор Илон Маск објави дека проблемот со моторите активирал автоматско предупредување за прекин на летот, по што започнала постапка за празнење на горивото.

– Ќе утврдиме што се случило и кога ќе биде нашиот следен обид – изјави Ден Хуот од „Спејс екс“.

Клучна ракета за Месечината и за Марс

„Старшип“ е главниот проект на Илон Маск за идните мисии кон Месечината и Марс. Компанијата досега вложи повеќе од 15 милијарди долари во развојот на леталото.

Со НАСА веќе има договори вредни околу четири милијарди долари за идни мисии кон Месечината, но ракетата сè уште нема завршено целосна орбитална мисија.

Поврзани содржини