НОВ ЕКСПЕРИМЕНТАЛЕН ЛЕК ЗА АЛЦХАЈМЕР Први охрабрувачки резултати од лекот на компанијата Биоген
Лекот на компанијата Биоген делува различно од постојните третмани бидејќи ги намалува нивоата на протеинот тау, еден од клучните протеини поврзани со прогресијата на Алцхајмеровата болест.
Експерименталниот лек диранерсен покажа охрабрувачки рани резултати кај луѓе со благи когнитивни оштетувања и лесна Алцхајмерова болест, беше објавено во Лондон.
Лекот на компанијата Биоген делува различно од постојните третмани бидејќи ги намалува нивоата на протеинот тау, еден од клучните протеини поврзани со прогресијата на Алцхајмеровата болест. Претходно одобрените лекови, како што се леканемаб и донанемаб, се насочени кон таложењето на амилоиди и можат да го забават когнитивното пропаѓање.
Новата студија, во која учествуваа околу 400 луѓе, и резултатите презентирани на Меѓународната конференција на Здружението за Алцхајмерова болест во Лондон, покажаа дека диранерсенот, покрај намалувањето на протеинот тау, го забавува и когнитивниот пад кај некои од испитаниците.