ШВЕДСКА ЕВРОПРАТЕНИЧКА ВО ПОЛИЦИЈА ПРИЈАВИЛА КОЛЕГА ОД ДАНСКА Ги обвинила „фашистите од крајната десница“ и сега се чувствува небезбедно
Пратеничката Абир Ал-Сахлани, која е родена во Ирак и како дете дошла во Шведска, смета дека пораката „оди дома“ изречена од Кристофер Сторм, не може да се сфати поинаку освен како расистичка навреда.
Шведската европратеничка Абир ал-Сахлани поднесе полициска пријава против данскиот европратеник Кристофер Сторм, тврдејќи дека станала жртва на расистички говор на омраза по жестока расправија околу миграциската политика во Европскиот парламент. Таа вели дека по инцидентот се чувствува понебезбедно од кога било досега и предупредува дека атмосферата во европските институции драматично се влошува.
Случајот започнал по гласањето за построги правила за депортација на мигранти. Според Ал-Сахлани, дел од европратениците од крајната десница почнале да скандираат „Испратете ги назад“, што таа го оценила како нечовечка и опасна порака насочена кон луѓето со мигрантско потекло. Во јавна објава ги нарекла „фашисти од крајната десница“ и предупредила дека ваквата реторика го поткопува достоинството на Европскиот парламент.
Набргу потоа, данскиот европратеник Кристофер Сторм на социјалните мрежи ѝ одговорил со пораката „Оди дома“. Ал-Сахлани, која е родена во Ирак и како дете дошла во Шведска, оценила дека таквата порака не може да се сфати поинаку освен како расистичка навреда, поради што решила случајот да го пријави во полиција.
Таа објаснила дека не покренала постапка против сите што ја навредувале, туку само против данскиот колега, бидејќи смета дека токму неговата изјава има елементи на говор на омраза. Друг европратеник, Финецот Себастијан Тинкинен, исто така ја нападнал на социјалните мрежи, но неговата порака не била предмет на пријавата.
Кристофер Сторм категорично ги отфрла обвинувањата. Тој тврди дека неговата порака не била мотивирана од раса или етничко потекло, туку претставувала политички одговор на, како што вели, навредливите квалификации што Ал-Сахлани ги упатила кон десничарските европратеници. Според него, не станува збор за говор на омраза, туку за политичка полемика.
Ал-Сахлани изјави дека во последните денови добива и бројни закани и навредливи пораки, поради што признала дека никогаш досега не се чувствувала толку небезбедно како сега. Според неа, ваквите напади не се насочени само кон неа лично, туку и кон сите припадници на малцинските заедници кои се активни во европската политика.
Нејзината политичка група „Обнова на Европа“ јавно застана зад неа и го осуди инцидентот. Поддршка изрази и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, која порача дека говорот на омраза и заплашувањето немаат место во европските институции и најави дека ќе бидат разгледани можни дисциплински мерки.